Достапни линкови

Составот „Верка“ со нов албум


Албумот Моторни песни
Албумот Моторни песни

Моторни песни е насловен вториот албум на делчевскиот состав ВЕРКА што беше објавен на крајот на минатата година и кој е работен под силно влијание на поезијата на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров.

Брзи, моќни и енергични се делчевчаните ВЕРКА на својот втор по ред албум Моторни песни што се појави на крајот на минатата година, а чија промоција е во тек. Се работи за остварување што излегува осум години по дебитанскиот албум Џага и на кое во некаде 50-тина минути се забележани осум композиции во кои до израз доаѓа извонредно возбудливиот спој на мелодичниот метал со традиционалната македонска музика. Така кај ВЕРКА и натаму гитарата лее убивствени рифови, тапаните нижат уникатни, главно
Се инспирирав од поезијата на Вапцаров, како што всушност се вика албумов ,,Моторни песни" по името на неговата збирка поезија. Феноменална збирка која што ја нема ниту во целост на македонски преведено.
непарни ритми, басот има фанкоиден призвук, а кларинетот, тарабуката и бендирот на целокупната звучна слика и даваат оригиналност својствена само за бенд кој одамна раскрстил со предрасудите и блокадите во главата. И, што е најважно ова уникатно дело е работено под силно влијание на поезијата на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров.

„Се инспирирав од поезијата на Вапцаров, како што всушност се вика албумов Моторни песни, по името на неговата збирка поезија. Феноменална збирка која што ја нема ниту во целост на македонски преведено“, вели Никола Тричковски Мандрак, вокалист, басист и автор на текстовите.

А, за пораките во песните како Црно оро, Ѓерданот, Огин, Иднина – небиднина, Панк, панк, панк... што ВЕРКА ги испорачува до се побројната армија на љубители на нивната музика тој со дополнение:
Го пишувам всушност она што го чувствувам, она што се случува овде во Македонија, како јас се чувствувам во даден момент.


„Го пишувам всушност она што го чувствувам, она што се случува овде во Македонија, како јас се чувствувам во даден момент.“

Инаку, ВЕРКА во состав Никола Тричковски, Влатко Ѓорѓиевски – тапани, Марс Марсовски – гитара и Бранко Антовски – Блеки – кларинет и традиционални ударни инструменти, својот пат во современата музика го почнаа на почетокот на новиот милениум. Првиот поголем успех го имаа на Рок-фест каде победија, за да потем ова го повторат и на Лузер-фест, по што во 2002 година го објави првенчето насловено како Џага. Албумот и покрај оригиналната музичка мисла поради лошата продукција и не ја даде вистинската слика за потенцијалот на младите делчевци, за да тие по настапот на Таксират каде свиреа пред култната словенечка група ЛАЈБАХ свесно се тргнат по страна и некако хибернираат скоро цели седум години. Враќањето беше сторено со настапот како предгрупа на славниот метал состав СОУЛФЛАЈ и конечно со објавувањето на Моторни песни. Како продуцент на ова издание е потпишан Евгениј Каревски, а на албумот како гости се јавуваат гитаристот Сашо Бранковски и пејачката на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ – Добрила Грашевска.
Конечно, Моторни песни беше одбран за најдобро македонско издание за 2010 година на Канал 103 каде ВЕРКА го одржува својот радио-концерт во серијалот на емисијата Ако никој не свири.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG