Достапни линкови

Почина Ричард Холбрук - дипломатски гигант


Синоќа во Вашингтон на 69 години почина Ричард Холбрук американски дипломат – специјален претставник на Претседателот Обама за Авганистан и Пакистан. Холбрук посредуваше за постигнување на времената спогодба меѓу Македонија и Грција по која Република Македонија под референцата ПЈРМ стана членка на Обединетите Нации.

Ричард Холбрук беше болен од срце и во критична состојба од петокот минатата недела. Американскиот претседател Барак Обама го нарече Холбрук "гигант на американската надворешна политика," и рече дека неговата работа како дипломат во текот на речиси 50 години ги направија САД "посилни, побезбедн и повеќе почитувани." Обама додаде дека постојат милиони луѓе чии животи се спасени со дипломатската работа на Холбрук во проблематични и разурнати од војна региони во светот.

“Како што секој што работел со него знае, или имал јасна супериорност во преговорите, или бил неуморен. Тој никогаш не запираше, секогаш веруваше дека ако се остане фокусиран, ако се работи во заеднички интерес, секогаш е можен прогрес. Завршуваа војни, беше постигнуван мир”.

Државниот секретар Хилари Клинтон изјави дека Америка загуби еден од нејзините најпосветени државни службеници.
На Балканот беше познат и како посредник при постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во Босна и Херцеговина. На 21-ви ноември 1995-та година, во Дејтон, Охајо, на крајот од мировната конференција за Босна, Холбрук изјави:



“На хартија имаме мир. Да го спроведеме е нашиот следен и најголем предизвик. Контакт групата и многу други нации ќе бидат таму за да помогнат, но тоа пред се, мора да го направат луѓето во Босна”.

Исто така посредуваше и на релацијата Белград Приштина, при што се обидуваше да го предупреди тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ дека ќе следува бомбардирање доколку српските трупи не се повлечат од Косово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG