Достапни линкови

Косово: Тачи прогласи изборна победа


Претседателот на Демократската партија на Косово и премиер во оставка Хашим Тачи
Претседателот на Демократската партија на Косово и премиер во оставка Хашим Тачи

Претседателот на Демократската партија на Косово и премиер во оставка Хашим Тачи синоќа прогласи победа на неговата партија на предвремените парламентарни избори. Тој ова го изјави откако излезните анкети покажаа дека неговата партија води со 31 насто, пред Демокартскиот сојуз на Косово со 25 проценти од гласовите.

Пред насобраните симпатизери во Приштина, по првите парламентарни избори одржани на Косово по прогласувањето на независноста од Србија пред скоро три години, Хашим Тачи оцени дека победата на Демократската партија претставува референдум на граѓаните за доброто нејзино владеење и значи давање доверба за нејзината визија за иднината на Косово.

„Ова е голема победа на демократијата и на евроатлантските стремежи. Денеска тоа беше референдум за европско Косово“, изјави Тачи.

Тој изрази очекување од Европската унија, јасно и со еден глас да зборува за европската иднина на Косово.
Би требало да ги одбегнеме поделбите, би требало да работиме заедно. Само тогаш Косово ќе победи како што победи
вечерва.


Демократскиот сојуз на Косово ги отфрли резултатите од излезните анкети на изборите, не верувајќи дека тие го покажуваат вистинскиот однос на гласањето за 120 члениот косовски парламент.

„Би требало да ги одбегнеме поделбите, би требало да работиме заедно. Само тогаш Косово ќе победи како што победи вечерва“, изјави Тачи пред насобраните граѓани во Приштина.

Двете главни партии ги поддржуваат реформите потребни за евентуално членство на Косово во НАТО и во Европската унија.

На трето место, според излезните анкети се пласира Самоопределување на Албин Курти по што следува Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај. Другите партии не успеаа да ја минат квотата од 10 проценти.


Според Централната изборна комисија, одзивот на изборите бил околу 48 проценти. Право на глас имаат повеќе од еден милион и 600 илјади граѓани кои можеа да гласаат на 746 избирачки места.

На северот на Косово имаше отворено 14 статични и мобилни центри за чие обезбедување беа ангажирани илјада полицајци. Повеќето косовски Срби ги бојкотираа изборите по повикот на Белград кој не ја признава косовската независност.

Со оглед на тоа што на северот на Косово беа забележани неколку помали инциденти некои гласачки места беа затворени во 16 часот. Инциденти имаше и на во други места на Косово, но како што се оценува, тоа нема да влијае врз изборните резултати.
Верувам дека изборите минаа во ред без оглед на некои помали
инциденти.


„Верувам дека изборите минаа во ред без оглед на некои помали инциденти“, изјави претседателката на Централната изборна комисија Валдете Дака.

На ист став се и аналитичарите кои сепак предупредуваат дека новата власт ќе се соочи со големи предизвици:

„Следната влада ќе се соочи со три главни предизвици. Првиот е дијалогот со Србија, потоа процесот на приватизација кои е поврзан со економскиот развој и третиот е термоцентралната Ново Косово, односно проектот за електрична енергија во земјата“, вели Кренар Гаши од Институтот за политички истражувања на Косово.

За вчерашните избори на Косово беа акредитирани 32 илјади набљудувачи, а ги обезбедуваа 6 илјади полицајци.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG