Достапни линкови

Белград манипулира со косовските Срби



Владата на Србија денеска оценила дека не биле стекнати условите за да ги повика косовските срби да излезат на вонредните парламентарни избори на Косово, кои се закажани за 12-ти декември. Со тоа всушност Белград ги повикува косовските срби да ги бојкотираат изборите, што, според аналитичарите, на крајот ќе биде на нивна штета.

Белград нема стратегија што да прави со Косово и со косовските Срби, оценуваат аналитичарите, додавајки дека како последица, Србите ќе имаат помалку мандати. Шефот на дипломатијата на Србија, Вук Јеремиќ, смета дека не се исполнети условите за владата во Белград да ги повика косовските Срби да учествуваат на изборите.

„Тешко ми е да замислам дека Владата да ги повика Србите да излезат на изборите.“

На ист став е и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а претседателот на Србија Борис Тадиќ е воздржан.

Објаснување за однесувањето на Тадиќ во врска со ова прашање има аналитичарот Душан Јањиќ.

„Јавно не може да ги повика Србите на бојкот, не може ни директно да ги повика да излезат на изборите, па верувам дека неговиот став ќе биде воздржан.

Лидерот на Српското движење за обнова, Вук Драшковиќ, во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека е од интерес на косовските Срби, за своите права да се борат во тамошните институции.
Косовска Митровица


„Не е патриотизам да се тераат тие луѓе да бидат заложници на аутистичната политика која досега се водеше кон Србите на Косово. Аутистична бидејки од Србите на Косово се бара со самоизолација да се борат за зачувување на суверенитеот на Србија врз Косово.“

На косовските избори во 2001-ва учествуваа околу 40 илјади Срби, во 2004-та помалку од 2 илјади, а во 2007-ма немаше ни илјада. Од 120 места во косовскиот парламент, 20 се резервирани за Србите и за другите малцинства. Се оценува дека за да излезат Србите масовно на парламентарните избори на Косово, клучен е повикот од Белград, а тој по повторно изостана. Затоа, Јањиќ заклучува:

„Наместо да има повеќе од 20 пратенички места, со што српската заедница би можела да биде втора политичка сила во косовскиот Парламент, таа ќе биде распарчена и незначителна.“

Инаку, Србите на Косово се поделени околу тоа дали треба или не треба да учествуваат на парламентарните избори. Најжестоки противници се Србите од северниот дел на Косово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG