Достапни линкови

Ганиќ ослободен, реакциите различни


Политички мотивиран процес, со ова пресуда британскиот суд во Лондон го отфрли барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот член на босанското претседателство Ејуп Ганиќ за да му се суди за воени злосторства.

Одлуката на судот, како што е образложено, се засновала врз уверувањето дека српскиот процес против Ејуп Ганиќ би бил политички мотивиран. Имено, како што се прецизира, таквиот процес би бил употребен за политички цели.

64-годишниот Ганиќ беше член на босанското претседателство за време на војната во таа земја меѓу муслиманите, Србите и Хрватите. Тој беше уапсен на први март годинава на лондонскиот аеродром Хитроу, со барање од Белград за екстрадиција поради воени злосторства.


Станува збор за настан од март 1992 година кога биле убиени 42 војници на поранешната ЈНА додека било во сила примирје, а војниците се повлекувале. Ганиќ е еден од 19 луѓе за кои Белград има распишано потерница во врска со овој случај.

„Горд сум по она што го слушнав во завршните аргументи на судијата. Победивме и ова ќе игра голема улога во натамошниот развој и во јакнењето на Босна и Херцеговина, како и во развојот на односите со соседите“, изјави Ганиќ по пресудата.

Според образложението, пресудата била донесена и врз основа на претходните две независни истраги кои покажале дека Ганиќ не бил виновен.

Претседателката на српскиот Хелсиншки комитет за човекови права Соња Бисерко, која сведочеше во одбрана на Ганиќ, за Радио
Горд сум по она што го слушнав во завршните аргументи на судијата. Победивме и ова ќе игра голема улога во натамошниот развој и во јакнењето на Босна и Херцеговина, како и во развојот на односите со соседите.
Слободна Европа изјави дека не е изненадена од судската одлука.

„Морам да кажам дека ја очекував ваквата одлука. Целиот случај беше исполитизиран, а барањето за екстрадиција имаше за цел да се направи ревизија на толкувањето на војната во Босна.“

Од друга страна, српскиот заменик обвинител за воени злосторства Бруно Векариќ веднаш најави жалба на судската одлука.

„Постои право на жалба која претпоставувам ќе ја искористиме. Исто така во наредната постапка би сакале да добиеме одговор на прашањето дали Ганиќ е одговорен за шеесетината жртви на улицата Добровољачка во Сараево.“

Пресудата предизвика и различни реагирања во Босна и Херцеговина.

Додека политичарите во Федерацијата ја оценуваат како конечна победа на правдата, во Република Српска велат дека со неа уште еднаш се покажало дека таа правда има два аршина, еден за муслиманите, а друг за Србите во Босна.

Претседавачот на босанското претседателство Харис Силајџиќ, во врска со тоа дали пресудата во случајот Ганиќ може да ги смири политичките страсти во земјата вели:

„Би требало сите да ја почитуваме пресудата на судот и да внимаваме, посебно српската страна, да не се повторуваат ваквите работи кои иритираат и кои не водат кон стабилизирање на ситуацијата.“

Премиерот на Република Српска Милорад Додик, пак, оцени дека пресудата била продолжување на реализицијата на стереотипите што владеат во светот за србите и за Србија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG