Достапни линкови

Дневен печат - „Партиски пазарања со приватизацијата“


Со ваков наслов, Дневник пишува за предлогот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за измени на Уставот, со што ќе се оневозможи застарување на кривичната одговорност за приватизација на фирмите со државен и општествен капитал. За пуштањето во употреба на новата индустриска зона „Скопје 2“, весникот Нова Македонија донесува тема насловена како „Бунарџик 2 ќе ја следи ливадата со шарени крави“.

„Партиски пазарења со приватизацијата“ ја насловува Дневник пошироката информација за темата, за која, слободно велиме дека доминираше во медиумите во изминатава недела - предлогот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за измени на Уставот со кои ќе се оневозможи застарување на кривичната одговорност за приватизацијата на фирмите со државен и општествен капитал. Вечер го цитира Груевски кој вели дека „Ревизијата е трик, но сепак ќе ја прифатиме“.
Ревизијата е трик, но сепак ќе ја прифатиме.


Нова Македонија со наслов „Бунарџик 2 ќе ја следи ливадата со шарени крави“ информира за сечењето на црвената лента од страна на премиерот на новата индустриска зона Скопје 2, алудирајќи, веројатно, на фактот што и во постојната, Бунарџик 1, работи само една фабрика, како странска инвестиција - Џонсон контролс, во која владата партиципира со респектабилна сума евра за платите на вработените. За истава работа, Вечер јавува: „Нова инвестиција во Бунарџик вредна 34 милиони фунти - Џонсон Мети пуштен во производство, премиерот со задоволство ја пресече лентата“.

Сите медиуми ја објавија информацијата за намалувањето на партиципацијата на државните факултети, заедно со реакциите на ректорот на „Св.Кирил и Методиј“ дека Универзитетите ќе останат без пари. Нова Македонија го цитира министерот Тодоровски дека „Нема веќе професорски шетања врз студентскиот грб“. Утрински ги објавува мислењата на правниците дека различните износи на школарината за државната квота се дискриминирачки и противуставни, со наслов дека „Студентите се задоволни, универзитетите загрижени“.
Студентите се задоволни, универзитетите загрижени.


„Уште еден проект на Владата падна на Уставен: Сончев град на падините на Водно кај Сопиште, поради сомневања во регуларноста на Деталниот урбанистички план за селото“, јавува Утрински, па објаснува: Фирмата Сан сити, која што требаше да го гради градот од соништата поведе постапка пред Уставен сомневајќи се во регуларноста на урбанистичкиот план.

За тоа дека некогашните сопартијци и добри пријатели, Тарчуловски и Бошковски се тужат, ама не во Хаг, туку во Скопје, наголемо пишуваат сите весници во своите електронски изданија, како што впрочем и сите телевизии кои објавија долги стории за причината зошто Тарчуловски го тужи Бошковски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG