Достапни линкови

Политички кавги за регионалната депонија


Опозицијата во Битола обвинува дека за регионалната депонија, чија изградба не е ни почната, ќе бидат одговорни и приватно и јавно претпријатие. Од власта велат дека нема дуализам и оти работат според законот.

Само што општина Битола го направи првиот чекор во активностите за формирање регионална депонија, политичките кавги започнаа. Реализацијата на овој комплексен проект кој ќе подразбира еколошко збирање и преработка на сметот од девет пелагониски општини, стартуваше со отпочнување на постапката за доделување на концесија околу управување со цврстиот отпад. Опозицијата обвини дека и концесионерот и меѓуопштинското претпријатие кое ќе се формира ќе извршуваат иста работа.


„Апсолутно не е јасно што е работата на концесионерот, а што е работата на меѓуопштинското јавно претпријатие. Кај описот на првиот стои дека ќе ги управува и одржува објектите на депонијата, со други зборови ќе ја управува депонијата. Додека пак кај другиот е наведено дека треба да ја преземе дејноста на регионално интегрирано управување со регионалниот отпад или со други зборови управување со регионалната депонија. Ако ова не е дуализам, тогаш не знам што е“, изјави Златко Ќурчиев, советник од СДСМ.

Според опозицијата, вака испланираната постапка овозможува целиот бизнис со регионалните депонии во државата да се приватизира.
Де факто цел бизнис со отпадот ќе биде во рацете на приватни субјекти во Република Македонија


„Имаме концесионер кој е чисто приватен, а од друга страна имаме јавно претпријатие кое на почетокот е во државна сопственост и на крајот тоа државно претпријатие, кое би требало да го контролира концесионерот, ќе стане повторно приватно. Кој кого тука ќе контролира? Де факто комплетниот бизнис со отпадот во РМ буквално ќе биде во рацете на приватни субјекти“,

изјави Ќурчиев.
Од локалната власт велат дека работат според законот и елаборатот изработен од надлежните.

„Министерството за животна средина, согледувајќи ги настаните посебно во областа со депониите, изработи еден елаборат, кој го достави до општините. Во 2010 година имаме една фаза, во 2011 друга. Ќе биде добро разработена и ќе имаме многу подобри разултати. Вака се зазема еден став за депониите на ниво на Република Македонија.“

изјави Лилјана Кузмановска, претседателка на општинскиот Совет. Македонија е обврзана до 2014 година да обезбеди регионално и еколошко третирање на цврстиот одпад.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG