Достапни линкови

„Грчка трагедија“ во ЕУ


Растечката криза со јавниот долг во јужниот дел на Европа е на врвот на агендата на денешниот неформален самит на Европската унија во Брисел. Грчката влада се соочува со банкрот, а се страхува дека кризата може да собори многу други задолжени економии и да ја загрози стабилноста на еврото.

Самитот на Европската унија беше замислен да биде од пониско значење, односно само како можност за новиот претседател на Унијата Херман ван Ромпеј да го нотира курсот на пост-кризната европска економија.

Но, она што во Брисел се нарекува „Грчка трагедија“ предизвика хаос кај оние што мислат дека се можат да испланираат внимателно. Почетната стратегија на Унијата да ја држи кризата на ниско ниво, надевајќи се на ветувањата на грчката влада за фискални реформи, очигледно не функционира.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, еврокомесарот за финансии во заминување Жоакин Алмунија призна дека Брисел мора да преземе чекори.

„Тешката ситуација во Грција е прашање од заеднички интерес за еврозоната и за Европската унија во целост. Големите и постојани надворешни и внатрешни поместувања и се закануваат на макро финансиската стабилност на таа земјата со сериозен ризик од прелевање во други делови на еврозоната.“
Неопходно е на пазарот и на јавноста да им се даде јасен сигнал. А сигналот што сега е најпотребен е дека Европската унија, општо земено, нема да дозволи колапс на Грција..


Долгот на јавниот сектор во Грција, како и во Португалија, сега го надминува нивниот годишен бруто домашен производ. Ни Шпанија не е далеку од таа статистика. Трите земји мораат само во оваа година на кредиторите да им исплатат милијарди евра. А тоа станува сè потешко поради зголемувањето на каматните стапки на новите кредити.

Во меѓувреме, сите три влади имаат годишен дефицит од над 10 насто, што значи дека тие и онака не можат да врзат крај со крај. Грција веќе е погодена со голем број удари од вработените во јавниот сектор што ја поткопа волјата на владата за намалување на трошоците.

Девалвацијата како стандарден лек во таквите ситуации, не е им на располагање на трите економии, бидејќи тие се во еврозоната. Големиот ризик е во тоа што грчката неспособност да им се оддолжи на меѓународните кредитори може на крајот да го погоди и еврото.
Грција е релативно мала земја и Европската унија нема да ја чини премногу за да и помогне. Но, таквата отплата на долговите на расипничката влада е длабоко непопуларна меѓу германските даночни обврзници. Сепак, дел од експертите оценуваат дека влогот за Унијата е премногу висок за да одбие да и помогне на Грција.

„Неопходно е на пазарот и на јавноста да им се даде јасен сигнал. А сигналот што сега е најпотребен е дека Европската унија, општо земено, нема да дозволи колапс на Грција.“

Вели Сајнзие Алциди, соработник во Центарот за политички студии во Брисел, додавајќи дека во спротивно може до дојде и до распаѓање на еврозоната. Имено, според правилата, од таа зона воопшто не е дозволено излегување на некоја нејзина членка. Падот на еврото, пак, би значело драстичен пресврт за Европската унија. Валутата беше воведена со премолчена претпоставката дека економската интеграција ќе доведе и до поголема политичка интеграција меѓу земјите членки. Но, малку е веројатно дека тоа и ќе се одржи доколку не успее економската интеграција. Од друга страна, успешното спасување на јужните членки може да ја забрза интеграцијата на сите фронтови. Во таков случај помошта ќе биде дадена под услов трошењето на парите да биде под строга контрола на Брисел. Впрочем во минатата недела од заедничка седница на владите на Германија и на Франција беше упатен апел за поголема економска интеграција со цел спречување на нови слични кризи во Унијата.

„Имаме искуство од околу 10 години на пораст во Европската унија, но не многу земји се однесуваа на вистински начин. Тоа всушност беше период во кој беа создадени многу нерамнотежи.“

Вели Aлциди, додавајќи дека на Европската унија ќе бидат потребни многу години за да ја надмине оваа криза.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG