Достапни линкови

Социјална експлозија на Балканот?


Балканот, покрај политичките проблеми, го зафати бран работнички незадоволства и штрајкови. Како последица на економската криза десетици илјади луѓе останаа без работа, а и оние што ја имаат, протестираат поради ниските плати.

Србија

Во Србија секодневно се зголемува бројот на штрајкови, а Владата се чини дека нема намера да попушти бидејки би ја загрозила и онака кревката монетарна стабилност. Од друга страна, многумина веруваат дека зад протестите на работниците се кријат и политички мотиви. Претседателот на Обединетите Синдикати Бранислав Чанак вели дека до штрајковите доведоа нереалните ветувања на Владата.

"Ова што сега се случува пред српската јавност е збир на неостварени ветувања од последните две години, дадени од разни министри и политичари".

Во повеќе делови на Србија луѓето сега бараат помош од државата, а незадоволството се зголемува.

"Сакаме да работиме, гладни сме, жедни, немаме леб, лекови".

"Немаме плата две ипол години, од што да живееме"?


Се проценува дека во Србија околу 700 илјади луѓе живеат во сиромаштија, а просечната плата е 329 евра. Министерот за труд Расим Љаиќ вели:

"Најлошо што може да се случи е да се отвори Пандорината кутија, да бидеме затрупани со барања за поголеми плати, посебно во јавниот сектор, што би можело да ја наруши целокупната економска политика".

Владата повтори дека платите во јавниот сектор ќе останат замрзнати, а некои владини претставници оценуваат дека зад протетсите на работиците стои опозицијата со намера да издејствува предвремени избори.

Црна Гора

На протестите во Црна Гора, исто така, барањата за плати се насочени кон Владата, а премиерот Мило Ѓукановиќ посредува во надминувањето на проблемите иако најчесто токму тој е прозиван како најодоговорен. Генералниот секретар на Унијата на слободни синдикати Срѓа Кековиќ вели:

"20 години погрешна транзиција и промашена приватизација, овој најнизок, нехуман и неолиберален пристап, дефинитивно доживеа кулминација".

Синдикалците велат дека во Црна Гора се снајдоа плитичарите, крадците, криминалците и шверцерите, а не успеаја да се снајдат само работниците.

Босна и Херцеговина

Во минатата година во Босна и Херцеговина без работа останале 80 илјади луѓе, а неисплатените плати, здравстеното и социјално осигурување, се најчестите причини за протестите. Во Синдикатот проценуваат дека оваа година ќе биде уште полоша. Претседателот на Сојузот на самостојни синдикати Едхем Бибер вели:

"Овде најголем проблем е што домашната власт не создава амбиент, не се занимава со решавањето на економските и социјалните прашања. Никој не води полемика како ќе преживееме годинава, туку како и кој ќе ги заштити нашите колективни и национални интереси".

Бибер додава и дека многу фирми ја искористија економската киза за делење откази и за кратење на основните права на работниците. Таквиот тренд се предвидува да продолжи, па можат да се очекуваат уште помасовни штрајкови.


Косово

На Косово нема Закон за труд, кој би ги регулирал правото на синдикално организирање и на штрајк. Тоа е една од причините што речиси и да нема работнички протести, но аналитичарите сметаат дека станува збор за затишје пред бура. Стапката на невработеност е околу 50 насто и исто толкав процент на сиромашни, а просечната плата е 200 евра. Аналитичарите велат дека косоварите досега не сакаа да прават проблеми во процесот на решавање на статусот на Косово. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Али Драгуша оценува:

"Имаме голем недостиг од правна регулатива во врска со трудот и вработувањето, па така и по 11 години од завршувањето на војната немаме Закон за труд".

Но, според социологот Фадиљ Малоку досегашната индиферентност на косовските работници, може да биде и опасна.

"Тоа е голем ризик и за политиката и за граѓаните. Имаме лоши искуства во регионот. Во Албанија во 1997-ма година, поради незадоволството, за малку ќе дојдеше до граѓанска војна. Нема сомневање дека незадоволсвото на косоварите е се поголемо".

Што мислите за состојбата со работничките права во Македонија? Оставете коментар....

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG