Достапни линкови

Закон за пушење – чудо за три дена, или?


Законите што се носат во Македонија не може само да се препишуваат од другите европски земји, туку при нивната изработка треба да се внимава и на економските, социјални и психолошки специфики на луѓето за кои се однесува законот. Од друга страна, пак, традициите не треба да бидат кочничари за спроведување на европското законодавство, велат дел од домашните експерти.

Последен од низата закони што предизвикува контроверзии во јавноста е законот за целосна забрана на пушење. Законот предвидува целосна забрана за пушење во кафеаните, кафулињата и дискотеките. Од почетокот на годинава нема да смее да се пуши ниту во отворените летни бавчи на кафеаните и кафулињата. За непочитување на законот следуваат огромни парични казни – за кафеаните, за нивните шефови, но и за гостите. Пушењето е забрането и на отворен простор, ако таму се одржува некаков јавен собир како концерт или митинг. Со тоа, Македонија доби еден од најстрогите антипушачки закони во цела Европа.

Граѓаните песимисти - чудо за три дена

Но, колку таков закон може вистински да заживее во Македонија? Пушењето и до сега беше делумно забрането, но на очиглед на сите законот не се применуваше. Граѓаните се сомневаат дека законот, реално ќе заживее во Македонија. Велат, секое чудо за три дена.

„Не знам, навистина не знам, ама нема да успее сигурно. Ќе трае едно два – три месеци и толку.“
„Мислам ќе се почитува, заради казните.“
„Треба да се почитува, ама тешко е. Ние Балканците сме лош народ, дволични, еднаш вака – еднаш вака.“
„Мислам пак ќе се пуши.“
„Нема шанси да биде така, два месеци ќе траат.“
„Јас сум пушач, ќе пушам и не почитувам закон“

Не сме Швеѓани!

Универзитетските професори со кои разговаравме велат дека е добро да се ограничи пушењето во рестораните. Сепак, вели професор Имер Исмаили, овој закон е премногу ригиден. Тој се надева дека законот ќе заживее, но не е убеден во тоа.
Ние не можеме да бидеме Швеѓани и Данци, да ни наметнуваш некои закони...


„Значи, тој етнопсихолошки код на прифаќање односно одбивање на законите, тој функционира кај нас на Балканот. Ние не можеме да бидеме Швеѓани и Данци, да ни наметнуваш некои закони таму, затоа што тие мора да го имаат етно психолошкиот конгломерат во себе. Тоа е општо познато во политичката и формално правната теорија.“

Прифаќање на генералните цивилизациски придобивки

Социологот, професор Ѓорѓи Тоновски се согласува дека законите треба да содржат одредена специфика, но посочува дека треба да се прифатат и генерални цивилизациски придобивки.
Такви закони предизвикувале отпор и во другите земји кога се донесувале на стартот, па потоа барале да се навикнуваат луѓето

„Такви закони предизвикувале отпор и во другите земји кога се донесувале на стартот, па потоа барале да се навикнуваат луѓето, дека мора да се почитува. Јас мислам дека еден од предусловите за европска социјализација треба да биде и ова, да се навикнеме да го почитуваме она што сме го договориле.“

Тој вели дека треба да се навикнуваме да ги почитуваме правилата на игра.

„Определени специфики има, но тие специфики не треба да се однесуваат на непочитување на договореното за некои работи коишто Европа веќе одамна не ги познава. На пример, печење ракија дома или колење на жива стока по дворовите итн.“

Изминативе неколку денови, по закана за огромни парични казни, законот речиси секаде се почитува. Угостителите протестираат дека забраната за пушење во локалите ќе им ги избрка муштериите, драстично ќе им се намали прометот и ќе мора да отпуштаат вработени. Во неколку европски земји, под притисок на јавноста законот за целосна забрана на пушењето беше повлечен.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG