Достапни линкови

Вести

Бан Ки Мун се надева на решение на спорот за името

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун се надева на решение на грчко македонскиот спор за името по изборите во Грција. „Се надевам дека по изборите во Грција ќе најдеме некое решение со владата,, изјавил тој во интервју што го пренесува „Утрински весник,,. Според него, не постоело никакво временско ограничување. Бан Ки Мун со жалење констатира дека и покрај многуте идеи и предлози досега не било изнајдено решение на спорот.

види ги сите денешни вести

Томас Вајц е новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија

Томас Вајц е австриски еколошки земјоделец, шумар и политичар од Партијата на зелените. Белград, 25 август 2021 година.
Томас Вајц е австриски еколошки земјоделец, шумар и политичар од Партијата на зелените. Белград, 25 август 2021 година.

Австрискиот европратеник Томас Вајц е именуван за нов известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија. Вајц, кој доаѓа од Европските зелени, бил и копретседавач на Европската зелена партија.

Во февруари 2017 година, Вајц беше номиниран за член на одборот на Европската зелена партија и беше избран во март 2017 на конгресот на Глобалните зелени и Европските зелени во 2017 година во Ливерпул, како единствен австриски член на одборот на Европската зелена партија.

На оваа позиција тој е одговорен, меѓудругото, за соработка со Зелените партии во Чешка, Словенија, Полска, Унгарија и Албанија и го поддржува развојот на зелени партии во Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Во јуни 2022 година тој беше реизбран на 35-от Совет на Европската зелена партија за копретседавач на ЕГП заедно со француската сенаторка Мелани Вогел од француската Европска екологија – Зелени.

На неговиот профил на социјалната мрежа „Х“, меѓу другото, пишува дека се залага за проширување на ЕУ, со фокус на Западен Балкан.

Повеќето политички групи во Европскиот парламент номинираа свои членови за позициите известувачи за земјите од Западен Балкан.

Тонино Пицула од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) ќе биде известувач за Србија, додека Андреас Шајдер од истата партија ќе биде известувач за Албанија. Словенечкиот европратеник Марјан Шарец од Renew Europe ќе биде известувач за Црна Гора.

Европската народна партија (ЕПП) ги доби позициите за известувачи за Косово и Босна и Херцеговина.

Урсула фон дер Лајен в четврток во посета на Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на Северна Македонија - Скопје, 30.10.2023
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на Северна Македонија - Скопје, 30.10.2023

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ќе започне четиридневна посета на Западен Балкан, каде ќе се сретне со лидерите на Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора. Ова ќе биде повод да се разговара за напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на патот кон ЕУ, како и за Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра.

Во четврток, по посетата на Тирана, претседателката ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Претседателката Фон дер Лајен и премиерот Мицкоски ќе одржат прес-конференција во владиниот медиумски центар. За време на прес-конференцијата претседателката и премиерот ќе имаат свои обраќања и ќе одговараат на новинарски прашања во формат 2+2.

Подоцна во текот на денот, претседателката Фон дер Лајен ќе го продолжи патувањето во Босна и Херцеговина.

Овогодинешната посета на Западен Балкан доаѓа во време кога проширувањето е на врвот на агендата на ЕУ, што беше потврдено од претседателката Фон дер Лајен во неколку наврати, вклучително и неодамна на Самитот на Берлинскиот процес и на Бледскиот стратешки форум.

Од СВР Скопје информираат дека во четврток поради официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во главниот град ќе има мерки за посебен режим на сообраќајот на поширокото централно подрачје на град Скопје.

Полска го затвора рускиот конзулат во Познањ

Руска амбасада во Варшава, 5 февруари 2021 година
Руска амбасада во Варшава, 5 февруари 2021 година

Полска ќе го затвори рускиот конзулат во градот Познан поради сомнителни обиди за руска саботажа, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Москва најави дека ќе одговори на оваа одлука, пренесе руската новинска агенција РИА.

Одлуката за затворање на рускиот конзулат во Полска дојде по судењето во кое 51-годишен украински државјанин беше обвинет дека планирал да запали фабрика за бои во западниот град Вроцлав.

Сикорски рече дека „судот утврдил дека постојат силни докази за обид за саботажа и дека зад таа саботажа стои странска разузнавачка служба“.

Тој рече дека има информации кои сугерираат дека Руската Федерација е одговорна за обидите за саботажа, и во Полска и во сојузничките земји.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го нарече овој потег „уште еден непријателски чекор“ и вети „болна“ реакција.

Западните власти веруваат дека оперативците платени од Русија се одговорни за низа злосторства низ Европа, вклучувајќи провални кражби и подметнати пожари на фабрики и клучна инфраструктура.

Од друга страна, Русија континуирано негира каква било вмешаност.

Русија го повика германскиот амбасадор да разговара за базата на НАТО на Балтичкото Море

Руско знаме (илустрација)
Руско знаме (илустрација)

Руските власти го повика на средба германскиот амбасадор во Москва во знак на протест поради отворањето на нова база на НАТО во Балтичкото Море, чија цел е да ги координира силите на земјите-членки на зоната во близина на Русија.

„Амбасадорот на Германија во Москва е повикан во руското Министерство за надворешни работи и му е упатен силен протест“, се вели во соопштението на руската дипломатија.

„Вашингтон, Брисел и Берлин мора да знаат дека проширувањето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на поранешна Источна Германија ќе има најнегативни последици и нема да остане без одговор“, се додава во соопштението.

Според Москва, ваквиот пристап на германските власти „е продолжение на тивката ревизија на резултатите од Втората светска војна и милитаризацијата на земјата“.

Руските власти изјавија дека се прекршени одредбите од Московскиот договор од 1990 година, со кој се воспоставува меѓународниот статус на Германија по нејзиното повторно обединување и се забранува стационирање и распоредување на странски сили на територијата на поранешна ГДР.

„Побаравме итни и детални објаснувања од Берлин за отворањето на овој штаб на НАТО“, соопшти руското Министерство.

Германија ги отфрли руските тврдења дека новоотворениот команден центар на морнарицата го прекршува договорот од 1990 година.

Кога руската страна го повика германскиот амбасадор во врска со овој центар, „тој многу јасно негираше дека договорот е прекршен“, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Според германската војска, базата, која се наоѓа во градот Росток на Балтичкото Море, ќе има за цел да ги „координира поморските активности“ и да обезбеди на Алијансата „актуелна слика за поморската ситуација“ во областа.

Исто така, има за цел да ги брани интересите на земјите-членки на Алијансата од „агресивните дејствија, особено поради близината на Русија“.

Уште еден новинар е уапсен во Белорусија

Ихар Илјас
Ихар Илјас

Белоруската организација за човекови права „Вјасна“ објави дека во таа земја е уапсен новинарот и политички коментатор Ихар Илјас.

Неговото апсење беше објавено и на провладините канали нс Телеграм, кои на 22 октомври споделија фотографија од Илјас со лисици на рацете, иако не беа објавени други детали за околностите на апсењето.

Илјас е познат по своите коментари за белоруско-руските односи и неодамна зборуваше за зголемениот притисок врз Белорусија да ја поддржи руската инвазија на Украина.

Тој посочи дека белорускиот лидер Александар Лукашенко одбива директно вклучување во конфликтот, но се соочува со зголемени барања од Кремљ.

Апсењето на Илјас е уште едно во низата апсења во конфронтацијата меѓу властите на авторитарниот белоруски лидер и независните медиуми во Белорусија.

Неговата сопруга, новинарката Катсарина Андреева, е во затвор од 2020 година поради известување за антивладините протести во Белорусија.

Првично осудена на две години, таа подоцна доби уште осум години затвор под обвинение за предавство.

Во белоруските затвори има повеќе од 1.500 политички затвореници. Меѓу нив има новинари, активисти за човекови права и политичари.

На 19 септември, европратениците ги повикаа белоруските власти да обезбедат информации за состојбата на политичките затвореници и да им овозможат пристап до адвокатите, членовите на семејствата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Белоруските власти треба веднаш и безусловно да ги ослободат сите“, наведуваат во Резолуцијата пратениците на Европскиот парламент.

Неколку стотици илјади граѓани кои учествуваа во масовните демонстрации во 2020 година, оспорувајќи ја победата на Александар Лукашенко на претседателските избори, ја напуштија земјата.

Западните земји не ги признаваат резултатите од тие избори, а Европската унија воведе санкции кон Минск поради репресијата на учесниците во демонстрациите.

Тонино Пицула е новиот известувач на Европскиот парламент за Србија

Тонино Пицула
Тонино Пицула

Тонино Пицула ќе биде известувач за Србија во Европскиот парламент, потврдија од неговиот кабинет.

Според неофицијални информации, политичките групи во Европскиот парламент претходно постигнале договор за споделување на позициите на известувачите за земјите од Западен Балкан, а договор е словенечкиот претставник Марјан Шарец да биде известувач за Црна Гора, а Естонскиот Рихо Терас најверојатно ќе биде известувач за Косово.

Пицула, кој ја претставуваше Социјалдемократската партија на Хрватска во Европскиот парламент од 2013 година, ќе го наследи Владимир Билчик, кој не се кандидираше за втор пратенички мандат, како известувач за Србија.

„Во следните пет години, претставникот Пицула ќе биде задолжен за анализа, следење и известување до телото на Европската унија за ситуацијата во Србија и усогласувањето со европското право, основните вредности и конкретните политики“, се вели во соопштението на канцеларијата на европскиот претставник Пицула.

Тоа е должност во која Пицула во име на Европскиот парламент ќе ги обработува сите теми кои се однесуваат на односите меѓу Европската унија и Србија, а во тие односи ќе го претставува и Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Претставникот Пицула еднаш годишно во име на Европскиот парламент ќе подготвува извештаи за состојбата во Србија, откако ќе ги презентира годишните извештаи на Европската комисија.

„Согласно големото искуство што го стекнав и моето познавање на состојбите во Западен Балкан како и политиката за проширување на ЕУ, ова назначување го доживувам како признание за мојата претходна работа. Оваа нова должност претставува континуитет на бројни активности. особено за време на мојот минат мандат“, изјави Пицула по потврдата за именувањето.

Тој додаде дека „како и секогаш, го поздравува и поддржува фактот што политиката на проширување повторно е во фокусот на ЕУ“.

„Очигледно е дека има поголема политичка поддршка од порано, но процесот на пристапување сепак мора да се заснова на исполнување на критериумите. Секоја земја треба да се оценува поединечно според нејзините резултати“, рече Пицула.

Реагирајќи на изборот на Пицула, српскиот претседател Александар Вучиќ на 22 октомври изјави дека „многу добро ја разбира пораката“ што Европскиот парламент ја испрати со изборот на неговиот нов известувач за Србија, но дека ќе соработува со него.

Пицула е европски претставник во Европскиот парламент од 2013 година.

За време на долгогодишниот ангажман како европски претставник, тој активно се занимаваше со прашањата на земјите од Западен Балкан. Во претходниот мандат беше известувач за Црна Гора.

Тој беше и шеф на работната група за Западен Балкан, како и известувач за Соединетите Американски Држави и известувач во сенка за Северна Македонија.

Тој, исто така, преговараше за резолуциите на Европскиот парламент (ЕП) за руската агресија врз Украина, за стратегијата за проширување и е ко-известувач на ЕП за финансискиот инструмент за претпристапна помош ИПА III и за Планот за раст на Западот Балканот.

Премиерот на Ирак објави дека е убиен водачот на Исламска држава во таа земја

Премиерот на Ирак Мохамед Шија ал Судани (архивска фотографија)
Премиерот на Ирак Мохамед Шија ал Судани (архивска фотографија)

Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани на 22 октомври објави дека водачот на Исламска држава во Ирак е убиен за време на воена операција заедно со уште осум други високи лидери на терористичката група.

Ал-Судани рече дека Џасим ал-Мазруи Абу Абдул Кадер е убиен во планините Хамрин во провинцијата Салахудин во операција на силите за борба против тероризмот и националната безбедност.

„Нема место за терористите во Ирак, ние ќе ги гониме до нивните засолништа и ќе ги елиминираме“, рече Ал Судани во изјавата.

Командата на ирачките сили соопшти дека операцијата била изведена „со техничка поддршка и размена на прецизни разузнавачки информации од страна на силите на меѓународната коалиција“.

Идентитетот на другите убиени во операцијата ќе биде објавен по потврда со ДНК тестови, се додава во соопштението.

Наведено е и дека „запленето е поголемо количество оружје, муниција и опрема“.

Соединетите Држави објавија договор со ирачката влада минатиот месец за завршување на воената мисија на американската коалиција против групата Исламска држава до следната година, со повлекување на војниците од некои од базите што ги користеа за време на нивното дводецениско воено присуство во земјата.

Коалиција од повеќе од 80 земји, предводена од Соединетите држави, беше формирана за борба против Исламска држава, која ја загуби контролата врз територијата во Ирак во 2017 година и во Сирија во 2019 година, иако „ќелиите за спиење“ останаа присутни во двете земји и во странство.

Ирачките власти повремено повикуваа на повлекување на коалициските сили низ годините, а официјалните разговори за намалување на американското присуство во земјата траат со месеци.

Ирачките власти велат дека нивните безбедносни сили се способни да се справат со преостанатите ќелии и да спречат повторно активирање на терористичката група.

Антикорупциска ќе го испитува именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ

Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.

Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, потврди дека за претставката е оформен предмет и веќе се постапува.

„Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јаван седница, изјави Димитровска.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.

Христовски изјави дека не го прекршил законот бидејќи неговата кариера во партијата ја завршил, напоменувајќи дека во декември 2023 година се повлекол од членството во ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот СДСМ побара Владата да го повлече Бојан Христовски од функцијата директор на АНБ. Социјалдемократите изразија сериозни сомнежи во врска со исполнувањето на условите за негов избор на позицијата, велејќи дека е некомпетентен кадар кој ќе му служи на премиерот Христијан Мицкоски.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски.

Хезболах ја презеде одговорноста за нападот со дрон врз летната резиденција на израелскиот премиер

Израелски војници на улиците на Цезареја, 19 октомври 2024 година
Израелски војници на улиците на Цезареја, 19 октомври 2024 година

Либанскиот Хезболах на 22 октомври објави дека нема да има разговори додека продолжуваат борбите со Израел и ја презеде целосната одговорност за нападот со дрон врз летната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја во централниот дел на земјата.

Мухамед Афиф, медиумски портпарол на милитантната група поддржана од Иран, на прес-конференција во јужните предградија на Бејрут изјави дека тие „ја преземаат целосната и единствена одговорност“ за гаѓање на домот на Нетанјаху.

Израел потврди дека во саботата на 19 октомври бил испукан дрон кон летната резиденција на Нетанјаху во тоа време не беше присутен, но Израел го опиша нападот како обид за атентат врз премиерот од страна на „иранската марионета Хезболах“ и го нарече „тешка грешка“.

Беспилотно летало на Хезболах, лансиран од Либан во саботата, ја погоди и ја оштети куќата на израелскиот премиер, објавија израелските медиуми, откако израелската јавна цензура даде зелено светло.

На фотографијата, која претходно не беше дозволено да се објави, се гледа штетата од нападот со дронот.

Нападот во Цезареја доаѓа откако Израел објави одговор на големиот ирански напад со балистички проектили на 1 октомври.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави дека одговорот ќе биде „смртоносен, прецизен и изненадувачки“.

Европскиот суд пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ги крши човековите права

Европски суд за човекови права (ЕСЧП)
Европски суд за човекови права (ЕСЧП)

Европскиот суд за човекови права пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ја прекршува Европската конвенција за човекови права, велејќи дека законот е „произволен“ и се применува на „преширок и непредвидлив начин“.

Пред судот се обратија 107 организации за човекови права, претставници на руското граѓанско општество и медиуми, вклучително и рускиот сервис на РСЕ, како и организацијата Меморијал.

На 22 октомври, судот пресуди дека законот наметнува „строги ограничувања“ на активностите на обвинителите и утврди дека нивното етикетирање „странски агенти“ претставува „малтретирање“. Судот посочи и дека законот „стигматизира, заведува и се применува на преобемно и непредвидлив начин“.

Судот смета дека целта на законот е „да се казни и заплаши, а не да се одговори на наводната потреба за транспарентност или на легитимниот императив на националната безбедност“.

Заклучи и дека со законот се нарушува слободата на изразување, здружување и правото на почитување на приватниот и семејниот живот на физичките лица кои поднеле тужба.

Рускиот закон, воведен во 2012 година и проширен во 2022 година, бара од организациите кои примаат странски средства да се регистрираат како „странски агенти“, што носи последици од инспекции, драконски казни и ограничувања на активностите.

Судот забележа дека јавното мислење во Русија го поврзува терминот „странски агент“ со „предавници“ и „шпиони“, стигматизирајќи ги оние што се етикетирани како такви.

Судот се осврна на „очигледно непропорционални санкции, вклучително и произволни парични казни или дури и распуштање“ на организации, наоѓајќи дека „таквите ограничувања имаат застрашувачки ефект врз јавниот дискурс и граѓанскиот ангажман“.

Ова „создава атмосфера на сомнеж и недоверба кон независните гласови и ги поткопува самите основи на едно демократско општество“, наведува Судот.

Рускиот сервис РСЕ е казнет со повеќе од 16 милиони евра поради непочитување на барањето да биде означен како „рамен агнет“.

Руските власти го зајакнаа спроведувањето, ги замрзнаа банкарските сметки и ги блокираа веб-страниците на руската служба на РСЕ, откако Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година.

Европскиот суд и наложи на Русија да му плати на рускиот сервис РСЕ 60.000 евра како компензација за трошоците и 950.000 евра отштета.

Судот, исто така, го критикуваше распуштањето на истакнати организации како Меморијал и Движењето за човекови права под изговор за кршење на прописите за „странски агенти“. Овие закони ги ограничуваа не само нивните јавни активности, туку и нивното учество во изборниот процес и пристапот до државната поддршка.

И покрај тоа што беше исфрлена од Советот на Европа во 2022 година по почетокот на инвазијата на Москва на Украина, Русија сè уште е обврзана да ги почитува одлуките на Европскиот суд во случаите што се случиле пред нејзиното протерување.

Сепак, Москва донесе закони со кои се спречува извршувањето на пресудите на Европскиот суд издадени по нејзиното протерување, што дополнително го комплицира влијанието на оваа пресуда.

РСЕ вели дека ќе продолжи со својата работа и покрај руската репресија. Московското биро беше затворено во 2022 година, а многу новинари беа означени како „странски агенти“.

Во 2023 година, московскиот суд прогласи банкрот на руската служба на РСЕ, но организацијата продолжува да обезбедува вести за милиони руски граѓани во странство, одржувајќи ја својата уредувачка независност со финансиска поддршка од американскиот Конгрес.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG