Достапни линкови

Танц прегратка во Скопје


Скопје
Скопје
По поставките во Ла Паз во Боливија во окотомври минатата година и во Каен Франција, еден месец подоцна, и скопјани ќе можат да ја проследат изложбата Танц прегратка на познатиот француски фотограф и соработник на угледните весници Либерасион и Монд - Тристан Жан Валес. Ќе бидат изложени 53 црно бели и колор фотографии настанати во периодот помеѓу 1980 – 2007 година во кои се нуди панорама од современи танцови дела и произлегува од средбата и спојот помеѓу две уметности: танцот и фотографијата.
Жан Валес во дадениот период го следел опусот на кореографите кои во својата работа внеле нов дух во пејсажот на модерниот и современиот танц како Жан Клод Галота, Режин Шопино, Пина Бауш, Триша Браун и други, притоа успевајќи покрај професионалниот да воспостави и пријателски однос што му овозможува остварување на непосредна соработка и директен пристап во процесот на создавање на нивните дела, од пробите па се до моментот на изведбата. Сепак, тој оваа своја поставка немал намера да ја прави ретроспективно, туку се определил за нејзино тематско врзување. Говорејќи за таквата потрага во Танц прегратка, Жан Валес со објаснување:

"Танцот е пред се сензуалност и сметав дека таа тема е една нишка што ме води, и мислев дека е подобро тоа отколку да ги извадам другите фотографии што ги имам реализиано изминативе години.,,

Фотографот чија изложба во Музеј на Град Скопје ќе трае до 6 мај, посетата на Република Македонија ќе ја искористи и за продолжување на својот индивидуален долгорочен проект посветен на традиционалната музика кој го започнал во 2002 година. Во изминатиов период тој ги посетил Шкотска, Ирска , Португалија и Шпанија, па потем патувал и собирал материјал со музичарот Морис и актерот Вентурини во Кина, Малезија, Виетнам, Бразил, Еквадор и Боливија, а фотографирањето на изведувачи на изворна музика и изработувачи на народни инструменти го продолжил на Балканот, во Србија и во Бугарија. Во пресрет на изложбата и предвидените фотосесии во кои ќе му помага македонскиот уметник и музичар на народни инструменти Дејан Спасовиќ, Тристан Жан Валес ќе одржи и отворена презентација во Македонскиот центар за фотографија на тема:ТАНЦ.
Инаку, сите овие активности се одвиваат во рамките на Културна политика и културна размена, делот од тригодишниот проект за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG