Достапни линкови

Расте задолженоста со кредитни картички


Во услови на отежнат пристап до потрошувачки кредити и затегната монетарна политика граѓаните се повеќе се задолжуваат со кредитни картички. Официјални податоци покажуваат дека плаќањето, а воедно и задолжувањето „со пластика“ се дуплирало во Фебруари годинава во споредба со истиот период минатата година. Податоците покажуваат дека вредноста на остварените трансакции со кредитни картички пораснала за 53 отсто. Во Фебруари преку кредитните картички грашѓаните потрошиле вкупни 19,85 милиони евра или 1,21 милјарди денари. Додека дел од банките едноставно потврдуваат дека пластиката се користи се` повеќе за задолжување, граѓаните се со поделени мислења за тоа дали е лесно или тешко да се расчистат долговите направени со кредитна картичка

„Мислам дека доколку редовно и ажурно си водиш евиденција се се расчистува.“

„Тоа е за овие што имаат повеќе пари, а ова сиромаштијава тешко.“

И додека граѓаните се пресметуваат за расчистување на долговите, експертите предупредуваат на ризикот од загуби е голем. Аналитичарот Сем Вакнин вели дека зачестеното задолжување со кредитни картички е нормална реакција на граѓаните на одлуката на банките поскромно да нудат кредитни линии.

„Како што банките ги намалуваат парите кои биле достапни во форма на кредити, во форма на хипотеки или во форма на автомобилски кредити и така натаму, луѓето пронаоѓаат други форми на кредитирање. Најпристапната опција која ја имаат граѓаните се кредитните картички.“

Според Вакнин, долговите од кредитните картички се поризични за банките во споредба со долговите од другите форми на кредитирање:

„Било какво зголемување во кредитирањето и зголеменото задолжување носи ризик од појава на лоши заеми и го влошува кредитното портфолио. Ова особено важи за кредиртните картички. Заемите се проблематизираат. Заемите преку кредитните картички се проблематизираат три пати повеќе од другите заеми во економијата.“

Инаку Народната банка лани презема рестриктивни мерки за да го ограничи кредитирањето на населението, но тоа не предизвика драстични промени во работењето на банките. Поголем дел од банките ги зголемија каматите на дозволените пречекорувања и се повнимателни во издавањето на кредитни картички. Кај дозволените минусни салда нема поголеми промени.
XS
SM
MD
LG