Достапни линкови

Според експертите во услови на криза тешко ќе се најдат инвеститори


Владата го подготвува теренот за нов обид за продажба на компаниите со мнозински државен капитал, тврдат од дел од овие фирми. Експертите велат дека во услови на светска економска криза, поисплатливо е да се даде приоритет на изнаоѓањето инвеститор кој ќе ги реши проблемите во компаниите, без многу надежи за големи надавања. И додека се чини дека надлежните повторно се подготвуваат за продажба на компаниите по неколку неуспешни обиди, вработените во овие фабрики се наоѓаат во теснец со неисплатени плати и нерегулирани придонеси.Директорот на фабриката „ЕМО“ од Охрид Коста Димитров вели дека по претворањето на обврските во траен влог, владата превземала мнозинска контрола на капиталот на компанијата.

„Сега со ова Владата стана доминантен сопственик. Тој што ќе ги купи тие акции од Владата ќе е исто доминантен сопственик на Емо. Така, програмата која инвеститорот кој ќе и ја предложи на владата ќе може комплетно да се исполни. “

Димитров додава дека со претворањето на обврските во акции, на потенцијалниот инвеститор му се овозможува полесно превземање на компанијата:

„Во барањето на тендерот се наведени тие услови. Во кои програми ќе инвестира, колку ќе инвестира и така натаму. Кога ќе стане нов соптвеник со откупени 60 отсто, на собрание тој гарантира дека секоја програма што ќе и ја предложи на владата може да ја операционализира.“

Експертите сметаат дека во услови на криза тешко ќе се најдат инвеститори подготвени за големи надавања. Професорот Горан Коевски вели дека по неколку неуспешни тендери се отвора и можноста за продажба на фабриките во четири очи:

„Значи постои можност по неуспешни две тендерски да се организира продажба во 4 очи.“

Според професорот Коевски, организацијата на продажбата зависи од интересот или целта на понудувачот.

„Во ситуација кога не се јавува никој со она наддавање, тогаш цената не би била приоритет. Би било важно некој да влезе во компанијата, да ги стартира капацитетите и да вработи луѓе.“

Во изминативе неколку години имаше неколку неуспешни обиди за продажба на дел од државните фирми.
XS
SM
MD
LG