Достапни линкови

Сликата ја создадоа партиите иако за граѓаните побитни се локалните проблеми, велат градоначалниците


Претседателските избори се чини ги засенија локалните, барем во првичниот период кога се бираат кандидатите кои ќе учествуваат во изборната трка, смета и стручната јавност, но и некои од првите луѓе на општините. Додека партиите интензивно ја започнаа битката за избор на кандидат за претседател на државата, во јавноста многу малку се зборува за партиските кандидати за локалните избори, со исклучок на имињата на кандидатите во поголемите градови. Аналитичарот Горан Ангелов, сепак смета дека тоа ќе се смени со почетокот на реалната изборна кампања:

„Сепак нели претседателот е претседател, додека градоначалниците според своите функции се многу помалку моќни од претседателот и се разбира сеуште ги немаме листите и затоа имаме една привидна надмоќ на кампањата за претседателските избори, но таа привидна надмоќ со почетокот на реалната кампања, односно со почетокот на март, ќе биде многу по изострена за избор на градоначалници и советници.“

вели Ангелов. И самите градоначалници изразуваат жалење од засега создадената слика во јавноста во која доминираат претседателските наспроти локалните избори:

„Голема неправда се нанесува на локалната самоуправа со тоа што се поклопија претседателските и локалните избори, затоа што барем според она како сега се одвиваат работите тие ќе бидат во целосна сенка.“

„Интересот во моментов е поголем за претседателските кандидати, затоа што се работи за претседател на државата.“


Велат градоначалниците на Велес Аце Коцевски и на Битола Владимир Талески. Коцевски потенцира дека за таквата слика виновни се партиите, иако вели тој за граѓаните многу побитни се општинските проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот:

„За жал вкупната политичка атмосфера во државата е таква и мислам дека тие работи дури и дополнително ќе се радикализираат.“

Оттаму очекувањата се дека во текот на кампањата, кандидатите би требало да обрнат поголемо внимание на секојдневните проблеми со кои се соочуваат општините, колку и партиите да имаат влијание и да ја ,,обојат“ целата кампања:

„Сметам дека би било најдобро сите кандидати да излезат со свои визии што тие мислат и планираат да направат во своите програмски определби за општините во кои живеат, за да знаат граѓаните кому и за што ја даваат довербата, а не да гласаат за политички партии.“

„Во случајов кандидатите без разлика од која политичка партија се, треба секако да ја имаат поддршката од своите партии, но најважна е поддршката од сите граѓани.“


изјавуваат Коцевски и Талевски.
XS
SM
MD
LG