Достапни линкови

За власта буџетот е наменет за продуктивни инвестции, а според опозицијата тој е неразвоен


Со највисок буџет досега од речиси 2,7 милиради евра, кој денеска веќе влегува во собраниска процедура, Македонија ќе ја започне идната буџетска 2009-та година. Приходите се планирани на нешто повеќе од 153 милијарди денари, а владата планира буџетски дефицит на ниво од 2,8 отство во однос на планираниот Бруто домашен производ. Додека власта го брани буџетот и го објаснува како рестриктивен во кој се намалуваат непродуктивните расходи, за сметка на интензивирање на продуктивни инвестирања, опозицијата смета дека напротив буџетот за следната година е обемен, потрошувачки и неразвоен:

„Прво прашање е колку овој буџет ќе се оствари. Кога немате доволно приходи тогаш и расходната страна се доведува во прашање.“

Вели Марјан Николов од Социјалдемократскиот сојуз. Буџетот за наредната година е за 500-тини милиони евра поголем од годинашниот. Во Министерството за финансии велат дека тоа се должи на економскиот раст:

„Исто така тој пораст се должи и на зголемениот обем на планирани инвестиции во патната и железничката инфраструктура, како и инвестиции во енергетскиот сектор и се разбира зголемениот обем на субвенции кои ќе бидат наменети за поддршка на земјоделството.“

вели Мартин Мартиновски портпарол на министерството за финансии. Токму одвојувањето на една петина од средствата во државната каса за инфраструктурни и други проекти, за опозицијата е спорно. Имено, во Либерално демократската партија сметаат дека власта при креирањето на буџетот се раководела од претстојните избори:

„За жал и оваа година како и изминатите години имаме потрошувачки, неразвоен буџет и ако кон тоа се додадат изборите кои што ни претстојат може да се каже и предизборен буџет.“

Вели Роза Топузовска Каровска од ЛДП. Во пресрет на расправата во Собранието за буџетот, опозицијата вели дека дискусијата ќе ја темели и на тоа зошто власта ги зголемува буџетските средства во услови кога целиот свет го стега ременот, поради глобалната економска криза.

„Кога во околината речиси сите земји гледаат да го избалансираат буџетот, нашата држава сака повеќе да троши, отколку што ќе собере. Тоа ќе го покрива со кредити, а претходно се фалеше дека Македонија враќа кредити и дека нема потреба од кредити.“

додава Марјан Николов од СДСМ.
XS
SM
MD
LG