Достапни линкови

Конфузија кај граѓаните поради недостатокот информации, оценуваат аналитичарите


Недостигот на информации и различните извештаи за текот на преговорите за името создаваат атмосфера на општа конфузија кај луѓето, а тоа може да предизвика негативни последици, предупредуваат експертите.
Спорот со името е навлезен во секое домаќинство. Граѓаните се збунети и поделени на две струи, такви кои сакаат проблемот што побрзо да се реши и оние кои не прифаќаат какви било отстапки.

„Јас се плашам дека проблемот доби политичка димензија, па дури и партиска димензија, а тоа значи дека излегува од еден нормален колосек на разговор внатре помеѓу луѓето, поради тоа што ако вие сте поделени партиски, а секој протежира некаков став околу името, тоа значи натамошно продлабочување на националното битие во Македонија, без разлика како сега ќе се реши проблемот,“

изјави професор Илија Ацески од Филозовскиот факултет

Ваквата состојба според проф. Јетон Шасивари од Штуловиот Универзитет е предизвикана од неинформираноста на граѓаните и затвореноста на државниот врв кога станува збор за ова прашање

„Секоја влада во светот, па и владата на Република Македонија требаше да биде потранспарентна во врска со проблемот со името и граѓанинот како носител на суверенитетот заслужува да биде информиран барем за главните црти на овој спор.“

Во една ваква поларизирана атмосфера, човекот станува агресивен, а борбениот дух го насочува во погрешна насока, вели Ацески:

„Се создава навивачка атмосфера којашто е погубна во некои домени. Ја изострува борбата и ја насочува во погрешна насока. Граѓаните како да се наоѓаат во арена и почнуваат да навиваат, што е една непријатна ситуација којашто може да има тешки последици подоцна.“

Партиско-политичката поделеност за ова прашање и немањето консензус за него, според проф. Шасивари може да предизвика и меѓуетничка поделеност:

„Флексибилност постои кај политичките партии на Албанците, тие се лојални по ова прашање, меѓутоа, ако Македонија како резултат на нерешавање на проблемот со името навлезе во процес на изолација, тогаш сите ќе ги чувствуваме последиците, без разлика дали станува збор за Македонци или Албанци и во тој случај ќе се јави таа поделеност,“

изјави Шасивари.
XS
SM
MD
LG