Достапни линкови

Кинеските власти ги апсат сите оние кои ја нарушуваат ,,хармонијата“ пред Олимпијадата


Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал во својот најнов извештај наведува дека во пресрет на Олимписките Игри, Кина не го подобрила почитувањето на човековите права. Според оваа организација, напротив кинеските власти почетокот на Олимписките Игри, го користат за притворање и апење на сите оние кои што ,,ќе застанат на патот“ на кампањата за ,,разубавување“ на Пекинг, пред стартот на Олимпијадата.

Кога пред седум години беше одлучено летните Олимписки Игри да се оддржат во Пекинг, кинеските власти се заложија и ветија унапредување на човековите права, потсетува во својот извештај Амнести Интернешенал. Но, напротив наведува оваа организација, кинеските власти не само што не го исполнија ова ветување, туку со своето однесување ги прекршија темелните вредности на олимпизмот. Кинеските власти започнаа со неосновани притварања, малтретирања на активистите за човекови права, на новинарите, правниците и на обичните граѓани – на секој што се обидува да ја загрози ,,хармонијата“ пред Игрите, се наведува во извештајот. Според Аменсти Интернешнал е засилена и цензурата врз домашните и странските медиуми кои известуваат од Кина, како и контролата за пристап на интернет и до објавените содржини. Организацијата наведува и дека група странски дописници минатата година пријавиле 180 случаи на забрана да известуваат за така наречени ,,чувствителни прашања“. Тој број во изминативе месеци од годинава достигнал 260 такви случаи. Претставникот на Амнести Интернешнал Марк Алисон вели:

„Ние ја повикавме кинеската влада да овозможи целосна слобода во известувањето за сите медиуми, домашни и странски, за теми кои предизвикуваат легитимна загриженост. Исто така ја повикуваме Кина, да преземе мерки и за укинување на смртната казна, откако по одлуката на Врховниот Суд таа повторно беше воведена минатата година. Всушност погубувањата сега се изведуваат тајно и бараме од властите да ги објават статистичките податоци за извршените егезекуции и да го намалат бројот на казнени дела за кои е предвидена смртна казна.“

изјави Алисон.
Кинеските власти ги отфрлија критиките од Амнести Интернешнал. Министерството за надворешни работи на оваа земја соопшти дека организацијата би требало да биде објектива и праведна кон Кина. Портпаролот на министерството Лиу Џианчао истакна дека секоја што знае нешто за Кина, нема да се согласи со ваквите тврдења.
XS
SM
MD
LG