Достапни линкови

Со потезите на мнозинството Македонија влегува во политичка криза, оценуваат аналитичарите


Нови 40-тина закони се на дневен ред на 14-тата седница на Собранието. Најголем дел од нив се предлози за донесување закони по итна постапка, практика која е честа од стапувањето на новиот состав на Собранието. Се чини дека станува важна бројката, наспроти суштината на законските решенија, коментира политикологот Дане Талески, при што се повеќе се актуелизира проблемот на квалитетот на законските решенија, и стариот проблем на нивната доследна имплементација:

„Значи тука имате израз на политичка волја, кој се конкретизира во пишан законски акт во владата и експресно поминува во парламентот. Во моментов во парламентот нема критична мисла да даде обсервација на законските решенија, прво дали се потребни, дали е реално да бидат имплементирани.“

При тоа, додава Талески, изостанува поширок дијалог. Исклучени се засегнатите страни или експертските мислења. А, врзано со тоа проблем е што во парламентот не функционираат работните тела, односно комисиите, кои треба претходно да ги претресуваат законските решенија. Законот треба да даде механизми за решавање на проблеми, а не да создава нови:

„Тоа секогаш се случува кога процесот не е доволно широко отворен.“

Професорот Османа Кадриу, гледајќи низ политичкото мнозинство и уставот не гледа правни пречки во донесувањето на законите. За него, се сериозни политичките импликации кои може да ги предизвикаат донесувањето на законите без претходни дискусии и присуство на опозицијата и без претходно нивно претресување во работните тела на Собранието. На овој начин се доведува во прашање демократијата во земјава, вели Кадриу:

„Така што, навистина ќе се доведе во прашање во иднина и нивната судбина, и нивната валидност, за дел од нив веројатно ќе има и постапки пред Уставен суд. Така што, Мекедонија со потезите што се прават од парламентот и мнозинството влегува во една сериозна политичка криза.“
XS
SM
MD
LG