Достапни линкови

Помогнете ни за да ви помогнеме, порача Валеро


Помогнете ни за да ви помогнеме! Преку овие зборови на францускиот амбасадор во Македонија, Бернар Валеро, идниот претседавач на Европската Унија, Франција ја прати пораката до нашата земја и ги најави приоритетите на кои според Франција треба да се работи во периодот што следува.

„Првата работа што треба да ја направите се разбира е да се формира новата влада и да се продолжи со реформите за да се испратат јасни и силни сигнали до Унијата дека Македонија е подготвена да одговори на осуммте критериуми поставени од амбасадорот Рен. Втората работа на која ќе се фокусираме и ќе ја поддржуваме Македонија се преговорите за визна либерализација, а во оваа насока вие покажавте одлични резултати,“

рече Валеро.

Франција ја првзема новата улога од досегашниот претседавач, Словенија.
Отпочнувањето на преговорите за визна либерализација, потврдата на Европскиот совет за целосна поддршка на Западниот Балкан на патот кон еврооинтеграциите се дел од работите кои Словенија ги смета за успех во нивното шестмесечното претседавање.

Словенечкиот амбасадор во земјава, Ален Бергант, порача дека владата се уште има волја, капацитет и одговорност да ги исполни осуммте критериуми на Унијата. Притоа нагласи дека ставот на Словенија во однос на прашањето за името со Грција, останува непроменет

„Ниту една земја не смее да поставува диктат на спротивната страна. Треба да се почитува правото на нацијата на сопствен јазик, култура и идентитет. Затоа ги поттикнуваме и двете страни што побрзо да постигнат решение.“

Амбасадорот Валеро не сакаше да ги коментира изјавите на францускиот претседател Никола Саркози со кои отворено се изразува поддршката на Франција кон Грција.

„Без разлика какви и да се проблемите со сликата што се создава тука ние во Франција имаме длабоко убедување дека Македонија е на пат кон напредок во последните неколку години и исто така убедени сме дека треба да и помогнеме на вашата земја да остане на тој пат и да оди напред.“

И евроамбасадорот Евран Фуере изрази надеж дека Македонија има време да ги заврши преостанатите реформи, за да добие позитивен извештај од Комисијата на есен. Прашан дали Македонија може да се надева на позитивен извештај, Фуере рече

„Рано е да се шпекулира и токму затоа секојдневно ги охрабрувам сите политичките лидери на сите средби што со нив ги имам, да работат на спроведување на критериумите што ги донесе комесарот Рен. Бидејки реформите за влез во Унијата бараат консензус и согласност од сите.“

изјави Фуере.
XS
SM
MD
LG