Достапни линкови

Константин Димитров, професор. Ако има пари, ќе има и енергија


Професоре, ова е период во којшто обезбедувањето контрола врз енергетските ресурси и енергетската дипломатија има се поголемо влијание во надворешната политика и обезбедувањето на стратегиските цели. Во која насока според Вас, на едно поглобално ниво ќе се развива, дефинирањето на таа енергетска инфраструктура?

Во глобални рамки се очекува пораст на потрошувачката на енергија. Тоа е предизвикано од неколку фактори, повторно глобално, како прво се зголемува бројот на жителите на планетата Земја, заради продолжување на животниот век на луѓето и намалената смртност на новороденчињата. Многу бргу ќе се дуплира или ќе дојде четири пати поголем број на жители. Се зголемува секојдневно потребата за енергија, бидејќи неразвиените земји, па дури и во Африка, преминуваат од тоа што готвеле на гранки, на електрична енергија. Што значи дека зголемена потрошувачка по глава на жител од сите аспекти на енергијата е императив на светот. Значи, се зголемува побарувањето за енергија, а брзиот развој на Индија и Кина, коишто секоја годија ги дуплираат потребите за енергија зборуваат и го покажуваат тој тренд. Енергијата си има своја цена. И кога ќе се јави разлика меѓу побарувачката и производството, цената расте. Ние сите тоа го чувствуваме. Но, тоа не е само заради финансии. Туку, и заради политичкиот аспект. Енергијата е политичко оружје коешто го чувствуваме, го гледаме, она што се случува меѓу Украина и Русија, снабдувањето со рускиот гас кон Европа. Гледаме, слушаме, чувствуваме што прават земјите од Блискиот Исток со својата нафта. Стануваат први пријатели со големите моќни сили, непочитувајќи граѓански права, како на пример Саудиска Арабија. Или, еден Ирак, каде што во името на човековите права се земаат ресурси. Да не зборуваме што се случува со Авганистан, гледаме дека се оди во владеење со изворите на енергија коишто носат енормни профити на тие кои ги имаат во свои раце.

Во овој момент, глобалната енергетска криза се чувствува и во Македонија. Дали нашава држава ви делува подготвено за справување со овој проблем?

Проблемот со снабдување со енергија во Македонија е врзан само со финансиските услови. Доколку имаме пари ќе купиме енергија. Она што ни недостасува. Значи, проблемот е финансиски. Ние самите не можеме да произведеме енергија за сите наши потреби. Или, на кус рок ние можеме да произведеме толку енергија од нашите сегашни капацитети, термо централи и хидро централи колку што се троши во ниско напонската мрежа, таму се домаќинствата и малите и средни стопански организации. Големите потрошувачи, а тоа е 30 до 40 насто од вкупната потрошувачка се упатени сами да се снабдуваат со енергија на регионалниот пазар. Да си купат, каде што гледаме дека постои една драматична разлика меѓу цената на енергијата во регионот и онаа дома. Ние се обидуваме социјалниот мир да го сочуваме со една депресирана цена на стока, којашто регуларно има цена. Но, доколку таа цена се израмни со европската. Богами, ние како домаќинства ќе размислиме како помалку да трошиме енергија во сопствените домови. Ќе се свртиме многу побргу кон гасот и нешто трето, да не ги споменувам алтернативните извори на енергија.

До каде е гасификацијата на Скопје?

Се работи интензивно на подготовка на основните материјали коишто ќе обезбедат влез на странски капитал да се започне со овој, би рекол, навистина голем проект. Не би рекол дека е многу голем, но од особена важност за граѓаните на Скопје. Има доста технички прашања, прашања врзани со законодавство. Да може да се распише јавниот тендер за два месеци и да видиме дали постои интерес кај меѓународните институции и компании да влезат во Скопје, па макар и да не сме во НАТО и да вложат пари. Тоа ќе биде сигнал и за се друго. Доколку ние успееме да привлежеме инвеститори во Македонија во вакви услови. Дури ние сакаме ако добиеме средства коишто ни ги должи Русија, веднаш централната власт да ги вложи во изградба на гасоводите и да го поврзе северозападниот дел Тетово – Гостивар и југо источниот дел, Велес – Штип како нова линија и веројатно во следната фаза надолу кон Неготино и Битола. Одеднаш ќе имаме втор енергенс кој влегува во Македонија, не зависиме само од нафта, само од електрична енергија, се ослободува притисокот, ни се зголемува суверенитетот.
XS
SM
MD
LG