Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија. Се надевам дека во наредниот период ќе се отворат можности за надминување на проблемот со Грција


По излегувањето на ДПА од Владата повторно влегуваме во еден нов бурен период во Македонија. Рековте дека имате некои идеи, како најбезболно да излеземе од сево ова?

Без сомнение, излегувањето на ДПА од владината коалиција предизвикува сериозна политичка криза во еден многу неповолен и тежок период за Република Македонија. На само 15-тина дена до Самитот на НАТО во Букурешт, каде што очекуваме една крупна одлука за нас, а тоа е дали ќе ја добиеме поканата за полноправно членство. Но, исто така, да не заборавиме дека се наоѓаме во најделикатната фаза во преговорите со Грција околу спорот за користење на нашето уставно име и ова е период во којшто најмалку ни беше потребно едно вакво случување. Се надевам дека оваа ситуација може брзо да се надмине. При тоа, сакам да напоменам дека оние идеи коишто беа промовирани во јавноста, како што се на пример, предвремените парламентарни избори или широката коалиција се легитимни теми за некое друго време. Но, имајќи во предвид краткиот период до самитот тие се неупотребливи, дури би рекол и контрапродуктивни. Мислам дека секое нивно отворање во јавноста, повеќе нанесува штета, отколку што прави некаква корист. Нас не очекуваат крупни, значајни одлуки, за да можеме да се соочиме со тие одлуки, без разлика во кој правец ќе бидат, потребни ни се институции со полн капацитет. Значи и влада со целосен легитимитет. Јас се надевам дека доколку постои добра волја од сите клучни политички партии, и се разбира чувство за одговорност, може да најдеме решение коешто барем на краток период ќе овозможи постогнување на таа цел, да имаме влада со целосен кредибилитет подготвена да се соочи со предизвиците и да носи такви одлуки.

Колку овие превирања кај нас влијаат на надворешната позиција на Македонија, со оглед на тоа што го споменавте, името, НАТО, Косово?

Без сомнение дека имаат негативно влијание на нашата позиција. Ова е период во којшто најмногу ни беше потребна внатрешна политичка стабилност, потанатаму што е можно поширок, политички, етнички, па би рекол и општ граѓански консензус околу овие клучни прашања и без сомнение, ваквите збиднувања го намалуваат капацитетот. Токму затоа и велам дека нам ни треба брзо санирање на состојбата. Не развлекување, не долги разговори, не долги дебати, туку во период од ден два мораме да ја вратиме состојбата во нормала, за да можеме да го изодиме овој пат.

Во деновите до самитот на НАТО имаме зголемен ангажман на Вашингтон, а со тоа и зголемен притисок врз Скопје и Атина. Споменувате црвена линија, каде е таа, што значи тоа?

Па, прво би сакал да го поздравам пројавениот интерес од страна на САД во оваа фаза да се вклучат дополнително или да дадат свој придонес, бидејќи очигледно беше дека целиот процес на преговори дојде до една ситуација на целосна блокада, или перманентно одржување на една статус кво позиција, каде што и двете страни држат некои свои ставови од коишто нема отстапување, а медијаторот Нимиц, којшто морам да кажам дека се труди, меѓутоа не може да постигне напредок. Имајќи го предвид, кредибилитетот на САД и во Македонија и во Грција, меѓутоа и генерално во светот мислам дека таквиот нивни ангажман може само да помогне. Точно е, ние имаме свои одредени црвени линии или маргини до каде што може да се движиме. Сакам да потсетам дека во сите изминати години, всушност битката за зачувување на уставното име беше мотивирана со зачувувањето на нашиот национален идентитет. Постои тешка врска меѓу името на нашата држава, името на нашиот народ и нашиот национален идентитет. И тоа е сосема легитимно и од тоа не можеме да отстапиме. Мислам дека има формулации, и во изминатиот период паѓаа на маса такви предлози коишто не задираат во националниот идентитет, повеќе значат некаков дополнителен опис на државното уредување на Република Македонија, како што всушност значи и зборот Република. За жал, во изминатиот период од страна на Грција токму таквите предлози беа на самиот почеток отфрлани. Што значи, ако Грција не отстапи од тоа, маневарскиот простор за некакво решение би се стеснил до крај. Велам, се надевам дека во наредниот период, со ангажман и на медијаторот, и со ангажман на Вашингтон сепак ќе се отворат некои можност за надминување на проблемот.

Дали во македонскиот државен врв има разлики за тоа како да се продолжи овој процес?

Па да. Мислам дека во целиот изминат период, без разлика што по некои други прашања сме се пројавувале со различни позиции, по прашањето на преговорите за името и по прашањето на Косово, по клучните прашања во надворешната политика, успеавме секогаш да изградиме усогласен став, значи јас како претседател на Република Македонија и владата. Се разбира, имало некои разлики околу тактичкиот пристап, меѓутоа околу стратегијата и крајната цел има целосно усогласен став.

Кога Македонија ќе го признае Косово како независна држава. Кои фактори влијаат на тоа и дали демаркацијата на границата треба да се доведува во врска со овој процес на признавање?

Па, многу фактори влијаат на тоа. Јас само да потсетам дека ние ги поддржувавме преговорите меѓу Белград и Приштина. Посакувавме да дојде до заеничко прифатливо решение што не се случи. Исто така, дадовме поддршка на планот на Ахтисари, од многу причини, а една од нив беше тоа што во тој план беше јасно наведено како ќе се изврши процесот на демаркацијата на границата, значи беа предвидени механизми и точни рокови во којшто таа работа треба да се реализира. Ние будно ја следиме ситуацијата, сеуште го немаме дефинирано нашиот конечен став по тоа прашање иако знаеме дека порано или подоцна тој момент ќе дојде, меѓутоа се разбира дека тргнувајќи од сопствените државни и национални интереси ќе донесеме одлука и тоа во оној момент во којшто ќе процениме дека тоа е најдобро. Само сакам да потсетам дека наша определба е да се обидеме да изградиме подеднакво добри односи со Белград и Приштина. Ние сме соседи и со едните и со другите и тоа е наш национален, државен интерес. Се разбира, дали до такво нешто ќе дојде не зависи само од нас. Зависи и од политичките коишто ќе се водат од Белград и Притшина. Меѓутоа, наша обврска е да се обидеме, јас се надевам дека ќе најдеме можности да го одржиме оној принцип кон којшто се придржуваме со години наназад, тоа е дека ќе градиме избалансирани и подеднакво добри односи со сите наши соседи.

Дали во врска со тоа имаме некакви притисоци од Белград, можеби од Москва?

Не, освен ако не се смета она што е официјален став на Белград во однос на сите земји од светот кои евентуално го признале или ќе го признаат Косово како независна држава. Знаеме дека одредени мерки кон тие држави веќе се применуваат, меѓутоа, конкретен, директен притисок кон Македонија, нема или барем до моментов не се почувствувал. Што се однесува до Москва, можам да кажам дека воопшто немаше во изминатиот период некои пројавувања или сигнали коишто би не обесхрабрувале или насочувале, освен, се разбира што ја имаме предвид онаа генерална политика на Русија позната на целиот свет, а тоа е дека Москва нема намера да ја признае независноста на Косово и тоа го смета за преседан.

Какви последици би имала евентуалната поделба на Косово по етнички линии за Македонија?

Па, ние од поодамна се изјаснивме по тоа прашање дека тоа е едно од најлошите сценарија, меѓу другото, затоа што поделбата на Косово како што самите рековте би се одвивала по етнички линии и тоа само по себе по значело еден дополнителен мотив за радикалните структури во целиот регион , можеби и пошироко, нив ги има секаде, не се доминантни но се присутни. Ги има и во Македонија. Дека тоа, може да се повтори и на друго место и дека државните граници треба да се поместат во правец на тоа да се поклопат со етничките граници. Ние тоа сме го кажале во повеќе наврати, и сега ја имаме таа позииција, дека поделбата на Косово ќе биде лош сигнал и дека треба да се направи се тоа да не се случи.

Во последно време, преокупирани од сите овие прашања, НАТО, Косово, име, како да подзаборавивме на другите проблеми, ни малку небитни посебно за граѓаните. Цените и натаму вртоглаво растат. Во последниве два месеци дури инфлацијата е речиси десет насто. Дали мислите дека владата во оваа област ја има ситуацијата под контрола?

За жал во последно време постојат повеќе индикатори кои говорат дека имаме влошување во економијата на земјата. Вие споменавте само еден од тие индикатори, како што е инфлацијата, којашто во јавнуари и февруари во просек е околу девет насто, што е многу и што веќе сега најавува дека проекцијата на Владата за 2008 година ќе биде пробиена. Меѓутоа, тоа не е единствениот индикатор. Исто така мора да го земеме предвид и податокот дека во јанури се забележа рекорден, најголем до сега, споредено до сега со било која друга година, дефицит на Република Македонија во трговската размена. Понатаму, имаме ситуација којашто е евидентна, дека и покрај сите најави, странските инвестиции не доаѓаат или не доаѓаат во она посакувано ниво. Високото ниво на невработеност се одржува, а мене посебно ме загрижува неповолната состојба во секторот на енергетиката. Сите овие податоци сами по себе треба да алармираат и да ја мотивираат владата да преземе една активна политика и да ги пресретне проблемите. За жал, имам впечаток дека од страна на владата повеќе се прават обиди да се релативизираат овие проблеми, па дури едноставно и да се игнорираат, како да не постојат. И мислам дека тоа е погрешно. Јас се надевам, искрено се надевам дека сепак тој пристап ќе се промени и дека од страна на владата ќе видиме една активна политика којашто ќе се обиде превентивно да делува. Многу е подобро и поефикасно тоа да се прави на време и превентивно, отколку пост фестум кога цената што треба да се плати ќе биде многу поголема.
XS
SM
MD
LG