Достапни линкови

Влијанието на настаните во Србија и Косово може да се пренесе и врз Македонија, оценуваат експертите


Влијанието од настаните во Србија и Косово може да се пренесе и врз македонските граѓани, оценуваат аналитичарите, особено ако се земе предвид нервозата што е веќе создадена поради спорот со името. Според Ризван Сулејмани, директор на Институтот за политички и интеркултурни студии, за да се избегне прелевањето на хаосот кај нас, домашните политичари во периодов треба да се однесуваат поодговорно:

„Има висок набој на емоции, од една страна кај Албанците изразување поддршка за Косово, реакциите од Белград се чувствуваат и кај српското население во Скопје. Сето ова во одреден момент може реално гледано и да ја искомплицира ситуацијата во Република Македонија.“

Сулејмани потсетува дека реакција по примерот на Белград се случи и во Скопје, во 1990 година кога беше нападната американската амбасада:

„Во многу случаи она што се случува во Белград, индуктивно се забележува и во Македонија. Така што, она што би посакал во овој момент повеќе државничко од лидерско ниво, повеќе храброст и поблиску до народот да бидат пратениците и политичарите.“

Демонстрации со масовност како во Белград не се можни, смета професорот Владимир Пивоваров кој слично како и Сулејмани не ја исклучува можноста за слични реакции кај нас:

„Тоа е можно, во моментот кога ќе се побара нашата влада да прогласи независност. Знаете дека парламентот е составен од многу пратеници од етнички заедници кои доаѓаат во тој парламент. Секој ќе ја брани својата теза. Електоратот нормално ќе ги следи говорите на лидерите на политичките партии,“

вели Пивоваров и додава дека поголеми инциденти можно е да се очекуваат само во оваа почетна фаза:

„Сите инциденти имаат своја силина, и тие со тек на времето почнуваат да слабеат. Но опасноста е голема ако дојде до таква ситуација, затоа што тогаш психологијата на масите, чувствувањето на емоциите и пулсирањето на адреналинот доведува до несакани последици.“
XS
SM
MD
LG