Достапни линкови

Експертите потенцираат дека граѓаните мора да бидат заштитени од евентуален недостаток на енергија


Потрошувачите и граѓаните ќе бидат заштитени околу снабдувањето со електрична енергија, а извозвот на струја ќе се реализира доколку има вишок, изјавуваат од Електрани на Македонија - ЕЛЕМ од каде не кажуваат повеќе детали како ќе се реализира извозот на струја што го најавија, во услови на недостаток на истата на домашниот пазар. Имено, со новиот закон за енергетика државното претпријатие ЕЛЕМ ќе ја продава струјата на Електростопанството – австрискиот ЕВН, доколку има вишок ќе продава струја и на други фирми по пазарни цени, но исто така ќе може и да ја извезува. Експертите реагираат на усвојувањето на законот за енергетика од страна на владата, без притоа тој да се достави на увид на јавноста и на стручњаците. Професор Константин Димитров од Електротехничкиот факултет потенцира дека во законот мора да се предвидат прецизно заштитните механизми за извоз на струја, без притоа да се оштетат граѓаните:

„Тоа е веќе малку проблематично, некој да може да предвиди како ќе биде после неколку години, кога само може да расне потрошувачката на електрична енергија, дека може да има вишок.“

Професор Димитров додава дека исто така е спорно тоа што со законот се централизира енергетскиот сектор, односно ЕЛЕМ ги добива сите права за менаџирање:

„Дека тој е овластен трговец, не е проблем, но можеше државата да овласти повеќе трговци. Се мислеше нели берза да се прави.“

Она што најповеќе може да ги погоди граѓаните, е покачувањето на цената на струјата бидејќи со новиот закон на ЕСМ ЕВН ќе им се признаат само 11% од загубите на струјата што ова претпријатије ги остварува преку техничкиот трансфер или од нелегално користење на струјата. Вкупната загубата на ЕСМ изнесува 24%, па разликата преку цената, велат експертите очигледно ќе ја плаќаат граѓаните. Од новиот закон за енергија целосно збунети и домашните компании, кои преку продажбата што ќе ја реализира ЕЛЕМ ќе може да купуваат струја на слободниот пазар. Реагираат дека не се запознаени со условите:

„Не сме размислувале сеуште. Значи нормално ако имаме некоја прифатлива варијанта, некоја поконурентна варијанта ќе ја прифатиме, меѓутоа засега не се оптеретуваме со тоа.“

Посочува Савка Димитровска директор на фариката ,,Европа“. Неизвесност како ќе го води производствениот процес со новите правила за набавка на струја изразува и стопанственикот Славе Ристески, сопственик на фабриката ,,Лион.“

„Нормално доколку тоа се поскапи драстично, секако дека ќе се одрази врз производството.“

потенцира Ристески.
XS
SM
MD
LG