Достапни линкови

Грција ќе врши разни притисоци за компромис околу името, очекуваат познавачите


Најновите економски притисоци кои доаѓаат од Грција во форма на најава за замрзнување на финансиската помош наменета за патишта од планот за економски развој на Балканот, најавуваат нов бран притисоци врз Македонија како уште еден обид на јужниот сосед да наметне решение во спорот за името кое ќе биде за нив најприфатливо, анализираат експертите. Со приближувањето на очекуваниот прием на Македонија во НАТО, притисоците ќе се зголемуваат, вели професорот Денко Малески, затоа што овој настан, за разлика од досегашниот период и дава можност на Грција да прави подиректни пречки, користејќи ги инструментите на сојузот на кој му припаѓа:

„Оттаму покрај она што не очекува при поканата и приемот во НАТО, а палетата на опции кои се отворени за членките е од процедурални пречки, па до ставање вето, ќе се користат сигурно и други форми на притисок, па и економски притисок врз нашата земја,“

предупредува поранешниот шеф на дипломатијата Малески, кому сегашните грчки притисоци му наликуваат на ембаргото од почетокот на 90-тите:

„А, имајќи го искуството од приемот во Обединетите Нации би требало нешто да сме научиле, како единствени треба да настапуваме виза ви надворешните притисоци. Ова нема да биде лесно, со оглед на актуелната ситуација на раскарани политички групи во македонскиот парламент, па оттаму можеби и ова ќе биде еден сигнал за отрезнување,“

вели Малески.

Застој во политичкиот дијалог, реформите и политичката култура би било едниственото нешто кое може да ја зголеми нашата немоќ во околностите кои ги создава Грција, вели уште еден поранешен министер за надворешни работи во македонската влада Слободан Чашуле, според кого сето тоа спаѓа во намерите на јужниот сосед:

„Грците сакаат ние да станеме нервозни, да погрешиме и да се најдеме во длабока политичка криза кога навистина ЕУ и ОН, САД и НАТО ќе потрчаат да ја стабилизираат Македонија и во тој случај, само во тој случај, нашата немоќ ќе не натера да прифатиме некаков компромис.“

Но, тој смета дека без оглед на првичните ретерирања во конкретниов случај, евентуланото продолжување на економските притисоци би било пред се на штета на самата Грција, со оглед на раширеноста на застапеноста на грчките компании во Македонија, за да заклучи времената спогодба не го условува нашето интегрирање во меѓународните институции со решавање на спорот околу името, па според тоа нашиот лут меѓународен противник ќе биде одминат во претстојните процеси.
XS
SM
MD
LG