Достапни линкови

Нема никаква индикација за евентуална енергетска криза, велат до ЕЛЕМ


Тоа што вторпат во рок од два месеци најголемиот произведувач на струја во земјава РЕК Битола останува да работи само со еден блок, не е нешто што според надлежните најавува енергетска криза во земјава. Денеска РЕК Битола работи со двата блока откако по 20 часа беше остранет дефектот на третиот блок, информира портпаролот на Електрани на Македонија Мирче Котевски:

„Апсолутно тврдам дека нема никаква индикација за создавање на паника од евентуално создавање на енергетска криза. Нашите електрани и натаму ќе работат. Она што е чудно е тоа што ова се случува во период кога претпоставувам поради изоставени редовни технички ремонти, дошло до некои несакани дефекти. Меѓутоа не треба да се заборави дека од почетокот на работењето на РЕК Битола, значи од 80-тите години досега верувајте повеќе од 40-50 пати се случило РЕК Битола да работи со еден блок и тоа никогаш не било толку актуелно.“

Вели Котески. РЕК Битола е веќе стар објект и се повеќе може да се очекуваат разни дефекти а во недостиг на резерва ние секогаш сме го напрегале системот до максимум, додава професорот Константин Димитров од Електротехничкиот факултет, кој Македонија со самото тоа ја смета за влезена во енергетска криза:

„Нашите блокови работат максимално, не стојат, немаме резерва. Ние сме во определена енергетска криза која ја покриваме со увоз. Сега, тој увоз дали е 30 или 40% зависи колку финансии имате и кризата е финансиска.“

Во ситуацијата во која сме лимитирани да произведуваме доволно количество електрична енергија поради недостиг на јаглен и вода, засега единствена алтренатива ни е нејзино купување од надвор. Но во тој случај неопходно е да се префрлаат повеќе пари во енергетиката или струјата да поскапи, додава професорот Димитров за да може недостигот да се надополнува од светскиот Пазар. Во прилог на тврдењето дека во Македонија нема да се случи енергетска криза портпаролот на Електрани на Македонија Мирче Котевски го наведува и Реактивирањето на ТЕЦ Осломеј кое се најавува за 16 септември.
XS
SM
MD
LG