Достапни линкови

Центрите на злото и се закануваат на Турција, вели началникот на турската армија Јасар Бујуканит


Скоро девет децении откако Мустафа Кемал Ататурк ја создаде секуларна Турција, еден конзеравтивен муслиман чија сопруга носи фереџе ќе стане турски претседател. Станува збор за поранешниот министер за надворешни работи Абдула Ѓул чие претседателствување, за многумина, ќе значи напуштање на секуларните традиции во земјата. Началникот на Генералштабот на турската војска Јасар Бујуканит вчера веќе оцени дека центрите на злото им се закануваат на секуларизмот и демократијата во Турција.

Во април годинава милиони турци излегоа на улиците да протестираат против можноста идниот шеф на државата да биде некој од исламистичката Партија на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

„Ние сме против АК партијата. Ние сме деца на Ататурк. Затоа сме тука.“

Децата на Ататурк, вклучувајќи ја тука и моќната турска армија, се загрижени дека со Ѓул како претседател, Партијата на правдата и развојот ќе има одврзани раце за остварување на своите цели:

„Сакам да му верувам на Ѓул, но не можам. Има две лица. Пред две години тој не го сакаше Ататурк. Сега го сака. Не сум сигурен како ќе биде догодина. Не му верувам ни нему ни на владата. Работат под маса.“

Вели Наџме Бас, шеесет и осум годишен жител на Истанбул откако стана јасно дека владејчката партија по убедливата победа на јулските предвремени парламентарни избори го оствари она што го науми, да го донесе Ѓул на претседателската функција. Сега прашањето е дали под негово раководство ќе можат да опстанат секуларните основи на републиката на Ататурк:

„Мислам дека земјата станува се порелигиозна или барем изразувањето на верското убедување е повидливо отколку порано. Прашањето е дали ова е почеток на крајот на турскиот секуларен систем јас не верувам во тоа. “

Вели турскиот политички аналитичар Булент Алириза, додавајќи дека сега се е во рацете на Партијата на правдата и развојот, односно колку ќе инсистира на конзервативни промени и покрај притисокот на војската. А оваа партија веќе најави дека до крајот на идниот месец ќе предложи нов устав во кој ќе се прошират слободите на граѓаните. Станува збор за намалување на влијанието на војската врз цивилните работи и за укинување на забраната за носење фереџе на факултетите. Досега партијата на Абдула Ѓул, повторува дека ќе ги почитува секуларните корени на Турција:


„Ако ги оствари овие ветувања, посебно околу секуларната демократска природа на Турската република тогаш верувам дека нема да има тензии. Во спротивно, ќе бидеме сведоци на големи политички тензии.“

Вели Мурат Јеткин, колумнист во весникот Радикал за Абдула Ѓул како претседател на Турција. Функција која освен политички одговорности како ставање вето врз некои закани и наименување судии има и морална тежина. Имено, нејзин прв носител беше токму основачот на модерна Турција Кемал Ататурк.
XS
SM
MD
LG