Достапни линкови

Неинформираноста на граѓаните за нивното право за заштита на личните податоци е главен проблем


Иако веќе две години е во сила, законот за заштита на личните податоци не се почитува, посочуваат од надлежната Дирекција. Прекршувањата на законските одредби, најчесто се случуваат ненамерно, но и поради неинформираност на граѓаните за нивното право за заштита на личните податоци, објаснува директорката на Дирекцијата, Марјана Марушиќ:

„Секогаш секој кој што ги собира личните податоци треба да внимава на тоа овие лични податоци да не бидат преобемни, да бидат собрани онолку колку што е потребно за да се оствари некоја цел. Кај нас не се внимава толку многу, меѓутоа проблемот e во тоа што и граѓаните не се свесни кога ги даваат личните податоци дека треба да внимаваат и на тоа која е целта за која ги даваат.“

Внимавајте каде и кому ги давате вашите лични податоци. Матичниот број е поволна подлога за можни злоупотреби. Со развојот на информатичката технологија, преку личен податок, може да се овозможи пристап до вашата сметка во банка или на пример да ви биде украден вашиот идентитет, посочува Марушич.

„Матичниот број незначи дека веднаш со самото тоа што ќе го откриете дека ќе настане злоупотреба. Меѓутоа тоа е можност за да настане злоупотреба. Конкретно чекот е платежно средство, без да се пишува матичниот број. Во сите продавници како посебна гаранција го бараа и матичниот број, што апсолутно не е законски и основано.“

Дел од граѓаните потврдуваат дека за да добијат некакви поволности во некои компании им бил побаран матичниот број. Дел од нив велат дека не се сомневаат оти тоа би им предизвикало некакви негатативни последици. Други пак се однесуваат попретпазливо.

„Ми се случило неколку пати да ми го побараат матичниот број за да ми дадат картичка за попуст. Мислам дека тоа неможе да ми предизвика никакви проблеми.“

Оние што ги прашавме признаваат дека не знаат каде да се обратат доколку се злоупотреби нивниот личен податок.

„Најверојатно во МВР.“

„Сум слушнал дека има некоја институција, ама незнам која и зошто служи.“


Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека доколку се утврди повреда на правото за заштита на лични податоци, граѓанинот може да поднесе тужба за надомест на штета до суд, а дирекцијата има право да поднесе барање за поведување на прекршочна пријава за секое лице што ги злоупотребило личните податоци на граѓанинот. Санкциите се парични и тие изнесуваат од 40 до 50 000 денари за физичко и од 200 до 300 000 денари за правно лице.
XS
SM
MD
LG