Достапни линкови

Разблажувување на американскиот став за името, оценуваат македонските експерти


Новата резолуција во Конгресот, со која се бара Македонија да ја почитува грчко-македонската времена спогодба од 1995-тата, според МНР претставува последица на обидот на грчкото лоби да изнуди вакви слични предлози во контекст на предизборниот амбиент во САД, но оти тоа нема моќ да ја промени политиката на Вашингтон:

„За жал, грчкото лоби во САД има доволно моќ и пари да изнуди вакви слични резолуции, но за среќа нема моќ да ја промени политиката на Вашингтон и на уште 117 земји членки на ОН кои го признаа уставното име на нашата земја,“

изјави портпаролот на МНР Сашо Кокаланов.

Извори во државниот врв пак се повикуваат и на изјавата на портпаролот на заменик портпаролот на Стејт Департментот Том Кејси кој повтори дека САД се залагаат за мирна разрешница на спорот за името и дека ја поддржуваат дискусијата за името и разговорите во ОН. Портпаролот на владата Ивица Боцевски изјави:

„Односите меѓу владата на Република Македонија и владата на САД се извонредни. Што се однесува до процесот во Њујорк, овој процес продолжува под закрилата на ОН и името на Република Македонија е нераскинлив дел од македонскиот идентитет.“

Новата резолуција со која од земјава се бара да се спречи непријателската пропаганда против Грција е предложена во Сенатот од претставници на мнозинските демократи во Сенатот. Тоа е дел на политичката игра на Грција, на која Македонија може да парира со тоа што ќе биде поприсутна во американскиот сенат, колку што тоа е можно, со свои претставници, дипломати и научници, вели професорот Денко Малевски, кој напоменува:

„Во меѓународните односи, секој настојува да собере што е можно поголема поддршка за својата кауза, од што е можно повеќе страни, за кога ќе дојде разврската и тоа да биде присутно. Многу е важно од највлијателната земја во светот да имате таква поддршка во форма на резолуција. Во секој случај, со ова се разблажува цврстиот став на САД околу името и тоа може натаму да се користи како притисок врз Македонија.“

Инаку во мартовската резолуција за поддршка на македонското членство во НАТО грчките лобисти успеаја покрај уставното име да ја вметнат и референцата ФИРОМ.
XS
SM
MD
LG