Достапни линкови

Идејата за конфедерација меѓу Србија и Косово не е реална


Идејата за конфедерација меѓу Србија и Косово не е реална, бидејќи ниедна од нив не е заинтересирана за тоа. Ова за Радио Слобосна Европа го вели Џонатан Ајл, експерт во британскиот Кралски институт за одбранбени и безбедносни студии. Тој додава дека најновиот предлог на Србија за откажување на дел од суверенитот врз Косово, не е доволен, бидејќи Запад веќе им ветил целосна независност на албанците.

Идејата за конфедерација меѓу Србија и Косово е со нејасна цел, особено ако се знае дека ниту една, ниту другата страна не ни помислуваат на такво нешто, вели Џонатан Ајл, наведувајќи дека можеби станува збор за гласини:

„Мислам дека Европската Унија не е наклонета на идејата за конфедерација меѓу Србија и Косово, бидејќи сите такви обиди од илјада деветстотини и осумнаесетата година на просторите на поранешна Југославија пропаднаа. Не ја гледам целта на оваа идеја и мислам дека тоа се гласини.“

Според Ајл, тоа можеби е само дел од обидите да се испита јавното мислење во барањето на решение за проблемот за кој, како што вели, очигледно тешко се наоѓа компромис.

„Апсолутоно, голем проблем е тоа што се дојде до во ситуација во која не е можен скоро никаков компромис. Една од опциите е ова продолжување на преговорите кои ќе ја одложат примената на решението за статусот на Косово, но тоа се компромиси за деталите, а не и за суштината на проблемот. “

Во врска со тоа дали најновата иницијатива на таканаречената тројка која ја сочинуваат Европската Унија, Русија и Соединетите Држави, може да ги ублажи разликите меѓу Москва и Запад Џонатан Ајл оценува:

„Тоа е најголемата непозната и затоа преговорите продолжуваат. Една од причините што Европската Унија на крајот го отстрани Ахтисари од преговорите е нејзиното уверување дека се уште е можен договор со Русија не само за Косово, туку и за други прашања. “

Ајл додава дека лично не верува во такви пакет договори и затоа, според неговото мислење, по сто и дваесет дневните преговори ситуацијата ќе биде иста како и сега. Русија, како што додава, и натаму ќе биде против независноста на Косово, бидејќи со тоа го задржува лостот што му овозможува влијание на Балканот, а сето тоа без голем ризик или големи трошоци. Во таков случај, смета тој, Косово еднострано ќе прогласи независност која во почетокот ќе ја признаат Соединетите Држави, но не и Европската Унија. За идејата на Белград дека е подготвен да се откаже од одредени елементи на суверенитот врз Косово како например да дозволи директен косовски пристап до Светската банка и ММФ Ајл вели:

„Не мислам дека тоа е доволно. Запад им вети на албанците независност и сега е тешко од тоа да се откаже, а да не се предизвикаат големи тензии на Косово. Мислам дека беше грешка што најмногу Соединетите Држави, а во помала мера и Европската Унија даваа такви ветувања. Вашингтон сега не е подготвен да им каже на албанците оти ветувањата не можат да се исполнат.“

Оценува за Радио Слобосна Европа Џонатан Ајл, експерт во британскиот Кралски институт за одбранбени и безбедносни студии.
XS
SM
MD
LG