Достапни линкови

Пожарите пустошат низ Македонија


Со температура до 45 степен, граѓаните денеска го живеат најтоплиот ден во годината. Македонија гори. Токму високите температури предизвикаа пожари низ целата земја. Најкритично е во Битола, каде што огнената стихија што вчера ги зафати селата Братиндол, Крклино, Баир и Ушинци денеска се прошири кон тунелот на патот Прилеп – Ресен, со тенденција да стигне до Охрид.
Пожарот ја однесе и првата жртва во Битола. Поради сериозноста на ситуацијата во Битолско, премиерот Никола Груевски доцна синоќа ја напушти вонредната собраниска седница и замина во кризното подрачје. Жителите на опожарените села во паника.

„Изгореа куќи, се живо. Немаме ниту вода, ниту струја.“
„Од седум часот сабајле гори населбата, никој не дојде да провери.“


Од центарот за управување со кризи соопштуваат дека во гаснењето на пожарите се мобилизирани дополнителен број војници од касарнатите во Охрид и Скопје, приотивпожарните единици од Битола, како и доброволци од локалноо население.

„Од утринските часово во гаснењето се вклучени и три авиони. Се исклучи и струјата од загрозените подрачја, а пренасочен е и сообраќајот од патниот правец Ресен – Битола по стариот пат,“

информира Елена Поцевска од Центарот за управување со кризи. Оттаму велат дека пожари има и во Тетовско, Прилепско, Крушевскиот крај, во Гевгелиско и во Скопско. Пожар е забележан и во хидроцентралата Козјак. Немаме капацитет за справување со вакви природни катастрофи, велат повеќето граѓани според кои предвременото делување можеше да ги спречи последиците.

„Нас секој пат не изненадува, снегот, дождовите, веројатно и оваа работа се вклопува во контекстот дека сме подготвени за се, ама од утре.“
„Сите институции требаше однапред да размислуваат.“
„Можеше поголема контрола во шумите.“


Од управата за хидрометеоролошки работи велат дека вакви високи температури не се забележани од 2000 година, кога 45 степени биле измерени во Гевгелија. Оттаму информираат дека од утре се очекува благо освежување и намалување на температурите.
XS
SM
MD
LG