Достапни линкови

Поддршка за членство во НАТО


Стабилноста на регионот, решавањето на косовскиот статус, реформите во земјите од Јадранската група и проширувањето на НАТО. Од македонската влада посочуваат дека токму тие ќе бидат темите за кои на утрешната средба во Тирана, американскиот претседател Џорџ Буш ќе разговара со премиерите на Македонија, Албанија и Хрватска, Никола Груевски, Сали Бериша и Иво Санадер. Иако е се уште рано за добивање на покана за членство во НАТО, од средбата со Буш, очекуваме да добиеме силно охрабрување и поддршка за нашиот пат кон Алијансата, информираат од владата.
Експертите се согласуваат дека премиерот Никола Груевски средбата со Буш треба да ја искористи за да побара гаранција за нашиот прием во НАТО.

„Претседателот на нашата влада би морал категорично да настапи и да побара моментален прием, гаранција за приемот на Македонија во НАТО, како една крупна, историска мерка, која неповратно ќе зборува за неповредливоста на територијалниот интегритет на Македонија во една деликатна регионална гео политичка ситуација. Исто така, би можело да се побара јасен став дека независноста на Косово нема да предизвика никакви промени на границите, на меѓународно признатите граници во регионот,“

изјави професор по меѓународно право, Васил Тупурковски.

Посетата на Буш на Албанија е знак на поддршка на Соединетите Држави за решавањето на финалниот статус на покраината, вели аналитичарот Мерсел Билјали, според кој од претстојната средба, Македонија треба да очекува појасен сигнал за прием во НАТО.

Пред претседателот Буш и нашата земја има со што да се пофали, вели Билјали

„Прво, Македонија во континуитет е дел од светската алијанса против глобалниот тероризам. Таа учествува во многу важни кризни средини во светот, како што е Ирак и Авганистан итн. Таа прави навистина брзи реформи во однос на реструктуирањето на армијата, така што таа се движи по таа насока.“

Од владата соопштуваат дека токму листата на досега спроведените реформи во различни области ќе биде најсилниот аргумент со кој премиерот Груевски ќе настапи пред Буш, со ветување дека владата е цврсто решена да ги продолжи реформите, особено во областа на пазарната економија, спречувањето на корупцијата и создавањето на мобилна армија. Утрешната посета на американскиот претседател на Тирана, е дел од неговата европска турнеја, која завршува на единаесетти јуни со престојот во Бугарија.
XS
SM
MD
LG