Достапни линкови

Различни размислувања колку Советот ќе ја поттикнува регионалната соработка


Различни размислувања за тоа дали од Советот за регионална соработка чие седиште ќе биде во Сараево ќе има конкретни резултати. За да има резултати на економски план, експертите сметаат дека е потребно секоја земја прво дома да ги заврши задачите, да создаде услови за пазарна економија, па потоа да соработува со останатите:

„Според досегашната практика, и минатото покажало, дека тешко може со иницијатива или со други мерки, да ги поттикнете земјите на регионална соработка, ако не создавате амбиент самите пазарни закони да ги поттикнуваат компаниите тоа да го прават. Така што мислам дека само декларативно доаѓаат овие иницијативи, а ништо конкретно не се прави.“

Изјави Абдулменаф Беџети професор на Универзитеот на Југоисточна Европа во Тетово. За разлика од областа на економијата кога станува збор за парламентарната соработка искуствата се поинакви, велат се разменуваат искуства во рамки на овие иницијативи кои пак резултираат со вклучување на европски стандарди во конкретни закони во сите земји во регионот:

„Треба сите земји почитувајќи го искуството од досегашната соработка во рамки на Пактот за стабилност, да продолжиме да ја јакнеме оваа соработка и сами да ја преземе иницијативата за одредени проекти во регионот.“

Изјави пратеничката Цветанка Иванова која учествува во активностите на регионалните парламентарни иницијативи. Советот за регионална соработка ке ги продолжи активностите од Пактот за стабилност кој беше формиран во 1999, а ке прекине да функционира во февруари наредната година. Од Министерството за надворешни работи велат дека од Пактот има конкретни резултати како создавањето на зоната на слободна трговија ЦЕФТА, формирање на неколку регионални центри како Центарот за миграции и азил со седиште во Скопје, Центарот за борба против корупциај во Сараево и слично. За очекувањата од Советот за регионална соработка Јован Теговски од МНР вели:

„Токму во рамките на Советот за регионална сорабтока ќе бидат засилени активностите и она што е битно е што Советот ќе му служи и како оперативен механизам на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.“
XS
SM
MD
LG