Достапни линкови

Дополнителни над 20,000 војници во Ирак


Американскиот претседател Џорџ Буш го објави планот за запирање на крвавите борби во Ирак. Дел од него е испраќање на дополнителни над дваесет илјади американски војници. Во телевизиското обраќање до нацијата од Белата куќа, Буш призна дека направил некои грешки при водењето на скоро четири годишната војна. Но, тој додава дека е решен дастори се Ирак да не западне во поголем хаос.

Претседателот Џорџ Буш сегашната ситуација во Ирак ја оцени како неприфатлива и призна дека направил грешка поради тоа што порано не наредил да бидат интензивирани воените операции. За Буш сега клучно е да се скршат активностите на верските милиции и на бунтовниците. Во спротивно, американската задача таму ќе биде двојно потешка, вели Буш.

„Повлекувањето сега ќе доведе до паѓање на ирачката влада и до туркање на земјата во масовни убиства од незамисливи размери. Таквото сценарио ќе значи дека нашите сили ќе мора да останат подолго во Ирак за да се борат против непријателот.“

Според Буш, доколку се дејствува сега, американските сили ќе бидат способни да ја смират ситуацијата во Ирак побрзо, а тоа значи дека и побргу ќе можат да заминат од таа земја. Во Ирак има околу сто триесет и две илјади американски војници. Буш сака тој број да изнесува сто пеесет и триипол илјади. Тоа би значело дополнителен трошок од пет милијарди и шестотини милиони долари. Над седумнаесет илјади војници би биле распоредени во Багдад, а преостаните четири илјади во провинцијата Анбар, главното седиште на сунитските бунтовници и на борците на Ал Каида. Буш додаде дека тешката работа нема да им биде оставена само на американците.

„Им ставив јасно на знаење на премиерот и на другите ирачки лидери дека американската заложба не е бесконечна. Доколку ирачката влада не ги исполни своите ветувања, ќе ја загуби поддршката од американскиот, но и од ирачкиот народ. Сега е вистинско време за дејствување.“

Буш изјави и дека наредил разместување на доплонителни одбранбени системи од типот Патриот на Блискиот Исток со цел да бидат заштитени американските сојузници во регионот. Но, на ваквите планови за Ирак и Блискиот Исток се противат демократите кои сега ги контролираат двата дома на американскиот Конгрес. По говорот на Џорџ Буш, сенаторот од редовите на демократите Ричард Дарбин оцени дека зголемувањето на бројот на силите нема да доведе до смирување на ситуацијата во Ирак:

„Дваесет илјади американски војници се премалку за да ја запрат граѓанската војна во Ирак, а од друга страна се ризикуваат многу американски животи. Време е претседателот Буш да се соочи со ирачката реалност.“

На ист став е и сенаторката Хилари Клинтон која е потенцијален претседателски кандидат, додавајќи дека бушовата политика спрема Ирак отсекогаш била арогантна и некомпетентна. Вториот можен претседателски кандидат на демократите, сенаторот Барак Обама пак оцени дека во говорот на Буш не видел политичка стратегија која ќе доведе до смирување на сунитите и шиитите во Ирак. Против испраќањето дополнителни сили во Ирак отворено застанаа и неколкумина сенатори од Републиканската партија на Џорџ Буш.
XS
SM
MD
LG