Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија. Застој во реформите во 2006, клучна е првата половина од 2007


Деновиве во јавноста го слушнавме вашето решение за амбасадор во НАТО. Зошто Владо Бучковски?

Па, прво морам да кажам дека се работи за една вест којашто во овој момент не можам, ниту да ја потврдам, ниту да ја демантирам. И тоа од сосема разбирливи причини. Бидејќи, во меѓународната политика, во дипломатијата, постои правило што секоја сериозна држава го почитува, а тоа е дека имињата на кандидатите за амбасадори во одредени земји не се соопштуваат јавно се додека не се добие согласност или агреманот од земјата каде што таа личност се упатува. Од тие причини, ќе се воздржам од било каков коментар. Се разбира, кога целата процедура на усогласување меѓу мене и владата ќе биде завршена, кога точно ќе се знае кој ќе бидат имињата на можните кандидати, не само за НАТО, туку и одредени други центри, јавноста ќе биде информирана.

Деновиве се навршува и една година од добивањето статус кандидат земја членка на ЕУ. Што сметате дека е пропуштено по добивањето на овој статус?

Па, за жал мислам дека во текот на 2006 загубивме драгоцено време, без да постигнеме доволен напредок. Делумно, зад тоа стојат објективни причини, меѓутоа, се разбира и субјективни слабости. Имено, во периодот на предизборната кампања, како и во периодот на конституирање на владата, реформските процеси беа запрени. Точно е дека еден од основните предуслови којшто беше поставен од страна на Брисел, а тоа е да се организираат фер и демократски избори, според сите меѓународни норми и стандарди се случи и тоа е нешто што се почитува и се книжи како позитивен поен на контото на Република Македонија. Точно е исто така дека се донесоа и неколку битни закони, меѓу кои посебно би го потенцирал законот за полиција. Меѓутоа, исто така е точно дека амбиентот во кој тој закон беше донесен, значи со големи тензии во парламентот, обструкции, блокади. А, тој амбиент се надоврза на оној од периодот на констируирањето на новата влада, се креираше еден нов проблем, којшто исто така е забележан од Брисел и станува критериум којшто ќе се оценува, а тоа е неопходноста од воспоставување на продуктивен политички дијалог меѓу власта и опозицијата. Со други зборови, решавајќи еден проблем, создадовме друг. Исто така, мора да признаеме дека имаме еден застој во реализацијата на една од клучните реформи, а тоа е реформата на судскиот систем. Некои од наша страна зацртани рокови беа пробиени. На пример, сеуште не е донесен еден од клучните закони, законот за јавно обвинителство. Влегуваме во трет месец како држава без јавен обвинител, една од клучните институции во периодот кога како држава треба да покажеме крајна сериозност и конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата. Она што е пропуштено во изминатиот период, сега ќе мора да го надоместиме во многу пократко време, според мене клучни се првите шест месеци од 2007 година, бидејќи веќе тогаш ќе почнат да се креираат завршните оценки за Република Македонија. И кога тоа го велам, мислам и на ЕУ и на НАТО. Бидејќи нашата амбиција е во текот на 2007 година, до крајот на 2007 да биде утврден датумот за почетокот на пристапните преговори со Унијата, а во 2008 година да ја добиеме поканата за членство во НАТО. Апсолутно, тоа е решлив проблем, значи ова не е нешто што не може да го направиме. Но, под еден услов. Прво, да се воспостави широк консензус во државата за клучните работи, клучните приоритети, целосно да се посветиме на нив. Да не се отвораат нови фронтови, да не се расплинува општествената енергија во Македонија во овој период. И јас верувам дека ако вака се постапи, дека шансата што ја имаме пред нас можеме да ја искористиме.

Немањето политички дијалог е една од главните забелешки на меѓународната заедница. Реално ли е според вас, да се очекува можност од политичка криза во земјава?

Па, за жал една работа која што сметавме дека е успешно решена и оставена зад нас, прашањето на политичката стабилност, на високото ниво на меѓуетничка доверба, толеранција, соживот, нешто што се посочуваше како исклучително крупен поен за Република Македонија, па дури и како пример за останатите во регионот, сега повторно со целата оваа ситуација се доведува во прашање и како што реков пред малку, остварувањето на политичкиот дијалог, станува еден од новите предуслови или еден од новите критериуми по кој ќе се оценува напредокот на Република Македонија. Она што мене ме загрижува, е што од јавните изјави, па дури однесувања на лидерите на клучните политички партии во Република Македонија не можам да заклучам дека сите се целосно свесни за значењето на ова прашање. Сеуште трошат енергија и време како да ја обвинат другата страна или другата политичка партија за неуспех на дијалогот, отколку да дадат се од себе таквиот дијалог да се случи и да даде конкретни резултати. Мораме да имаме на ум, дека за Брисел се оценува земјата во целина. Значи, не посебно владата, посебно опозицијата. Не посебно политичките партии, нивните претседатели. Бидејќи, на крајот на краиштата сите тие се наши политички субјекти доколку имаме проблем, а е констатирано од ЕУ и НАТО дека таков проблем постои, наша одговорност е тој проблем да го решиме.

Претстои решавањето на статусот на Косово. Во покраината се јавуваат радикални групи. Како ја проценувате безбедносната ситуација во регионот?

Од позициите коишто до сега во континуитет ги држеа и Белград и Приштина е сосема јасно дека е многу тешко, просто невозможно да се понуди решение коешто во исто време ќе биде прифатливо и за Белград и за Приштина. Тоа значи дека најмалку едната страна ќе биде незадоволна од она што ќе биде предложено и тоа само по себе претставува некаква потенцијална опасност што не смее да се занемари. Работата може дополнително да се компликува доколку и Контакт групата демонстрира неединство околу понуденото решение. Бидејќи, различните сигнали коишто ќе доаѓаат од меѓународната заедница може да бидат употребени или злоупотребени од едната или другата страна, говорам за Белград или Приштина. Клучна улога ќе има меѓународната заедница, односно како таа ќе го менаџира, управува процесот, по поднесувањето на предлогот за финалниот статус на Косово. Имајќи го предвид нивото на изграденост на институциите на Косово, нивната сеуште слабост или недоволен капацитет да обезбедат почитување на правниот поредок на територијата на Косово, сосема е јасно дека меѓународното воено и цивилно присуство на Косово ќе биде неопходно во еден цел низ години, од денес натаму. И всушност, на тој начин, со своето присуство и делување на теренот, меѓународната заедница треба и според сите убедувања ќе биде не единствената, туку клучната, најважната гаранција дека сепак стабиилноста во регонот ќе се одржи. Да сумирам, сметам дека без разлика каков ќе биде предлогот за финалниот статус на Косово не постојат крупни, сериозни закани за безбедноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Присутни се подделни ризици, коишто не смее да ги потцениме, треба внимателно да ги следиме, но сеуште и во наредниот период, клучна работа ќе биде дали на домашен план, ќе успееме да го одржиме високото ниво на меѓуетнички односи. Да не дозволиме отворање на прашања коишто можат да бидат во одредена ситуација од некакви радикални структури употребени или злоупотребени за евентуална дестабилизација на државата.

Каков е вашиот став во врска со престојните избори во Србија и можноста од радикализација на политиката кај нашиот северен сосед како и актуелизацијата на идејата за голема Србија?

Па, изборите во Србија се исклучително важни, пред се за Србија, но и за регионот во целина. Ние сме непосредни соседи и разбирливо е внимателно да ги следиме и проучуваме состојбите коишто се случуваат. Битно е, за Србија пред се, за нејзините граѓани и нејзиното непосредно соседство, Србија да остане политички стабилна, демократска и европски ориентирана држава. Земјите од регионот се стремат кон иста цел, значи кон ЕУ и НАТО. Напредокот на секоја земја од Брисел се оценува индивидуално. Меѓутоа, факт е дека и во ЕУ и НАТО кога се прават подолгорочни стратегии се зема во предвид регионот во целина. Со други зборови, ако сите земји во регионот се стремат кон иста цел, ако се подготени да делат исти вредности, ако говорат со ист јазик, на тој начин и перформансите, капацитетите, на секоја земја пооделно стануваат многу поголеми.
XS
SM
MD
LG