Достапни линкови

Градоначалниците се жалат дека немаат пари за уривање на нелегалните објекти


Интензивната кампања против урбаната мафија и засилените барања за уривање на нелегалните објекти, наметнаа уште еден проблем пред градоначалниците - недостаток од средства за уривање на нелегалните објекти, што според нив, чини многу. Во скопската општина Центар на чија територија има најголем број нелегални објекти, велат дека при претходното подготвувањето на буџетот неможеле да предвидат ставка за уривање на нелегалните објекти, па затоа сега се приморани да прават ребаланс на буџетот. Лидија Неделвкоа од оваа општина посочува:

„Средствата што беа предвидени за оваа година не очекувавме дека ќе се појават вонредни проблеми со решенија кои се предмет на извршување од изминатите години. Што се однесува пак до обезбедувањето на средства, тие ни се потребни многу повеќе од она што е е зацртано во буџетот за 2006-та година и сега сме приморани да направиме ребаланс на буџетот.“

Неделковска додава дека немањето на финансии не е нивно алиби, за опструкција на акцијата за средување на урбаниот хаос, туку реалност од презадолженоста на општините и наследените проблеми:

„Затоа што ниту една фирма што е ангажирана од страна на општината не руши бесплатно, сето тоа подразбира големи трошоци.“

И градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески вели дека станува збор за огромна парична сума која ќе биде потребна за рушење на дивите градби. Помош вели тој, можеби ќе се побара и од централните власти:

„Тоа многу тешко ќе можеме да го реализираме и оствариме сами и затоа ќе бараме некоја финансиска помош од државата односно Министерството за транспорт и врски.“

Посочува Ристески. Локалните власти избираат меѓу помалото зло, велат онаму каде што може ќе ги легализираат дивите објекти, што воедно за нив значи собирање повеќе средства од комуналии, но онаму каде што ќе мора да се урива, и градоначалникот на општина Гази Баба Коце Трајановски, посочува дека најверојатно ќе мора да се побараат пари од централната власт:

„Ќе се обидеме но тоа зависи, ако имате градби значи дека имате и пари во буџетот, но ако немате тогаш ќе бараме ако може да ни помогне државата, односно Владата.“

Изјавува Трајановски. Инаку во законот за градење стои дека трошоците за уривање, треба да ги предвидат општините во својот буџет, до наплатата на средствата од субјектот што ја извршил дивоградбата.
XS
SM
MD
LG