Достапни линкови

Случајност или планирана состојба?


Останаа ли само декларативни заложбите во државава, за борба против корупцијата? На листата забелешки за потребните реформи во земјава, без исклучок од меѓународната заедница постојано укажуваат и на потребата од поангажирана борба против корупцијата, а поради недоволно покажаните резултати Македонија не ретко се свртува на крајот од листите на релевантните меѓународни институции за испитувања на коруптивните елементи. И додека сеуште нема конкретни резултати на полето на борба против корупцијата, државава полека останува и без двете клучните институции во оваа свера. Невладината „Транспарентност“ на која поради внатрешните превирања и беше одземена лиценцата и Антикорупциската Комисија која има разводнета улога, а покрај се и двете организации од свои редови лиферуваа политички фигури. Коментирајќи ја оваа ситуација аналитичарот Џевдет Хајредини посочува:

„Мислам дека двете институции дефинитивно се покажаа неуспешни, а луѓето ангажирани во нив не беа посветени на таа работа, туку на други цели. Се виде дека една од личностите, стана потпретседател на Владата, друг стана Министер за правда, значи дека тие биле инсталирани на овие места за да работат во корист на актуелната партија што е на власт.“

Експертите во оваа област меѓудругото се прашуваат, а со тоа лоцираат и една друга димензија, дали нефункционирањето на двете организации е случајност или постои план, што им одговара на надлежните кои на овој начин ги правдаат склабите резултати од борбата против корупцијата. Аналитичарот Хајредини, не е уверен дека и при постоењето, организациите покажаа успешност, но вели дека барем земјава немаше да се компромитира:

„Не дека тие ќе го решеа проблемот, меѓутоа барем Македонија немаше да паѓа постојано на ранг листите на земјите според корупцијата надолу, односно веројатно светот во ова ќе гледаше некој позитивен чекор.“

Забележува Хајредини. Во оваа насока аналитичарите предупредуваат дека доколку нешто во најскоро време не се преземе, борбата против корупцијата ќе пропадне бидејќи по ,,нефункционирањето,, на надлежните инситуции таа е оставена само во рацете на Владата, што е недопустливо за ниту една земја.
XS
SM
MD
LG