Достапни линкови

Поголема привлечност за стански инвестиции, но и опасност од буџетски дефицит


За опозицијата воведувањето на рамен данок во земјава, е половична мерка зошто се однесува само на персоналниот данок на доход и данокот на добивка, а не на сите даноци што државата ги наплаќа. Ова е класична десничарска мерка на владата во која не гледам никаква сериозност, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски.

„Владата ќе има избор со намалување на даноците или да ја намали потрошувачката, или да креира дефицит и до кредитирање на државата, со јавен долг да ги надминува тие проблеми. Мислам дека ќе се случи второво и дека владата сеуште не излегла со пакет тоа да биде така. Кога ќе ја задолжите државата повеќе, тогаш граѓаните и стопанството повторно ќе треба да ги враќаат тие долгови. Значи, тоа е вртење во круг.“

Воведувањето на рамниот данок со кој се предвидува намалување на персоналниот данок на доход и данокот на добивка до 12 насто, значително ќе ги намали трошоците на претпријатијата, но истовремено ќе ги намали и на приходите во државната каса, велат економските експерти. Тешко е да се оцени какви ќе бидат ефектите од оваа даночна реформа, вели економскиот аналитичар Борко Ханџиски.

„Пониските даноци значат поголема привлечност на една економија во однос на друга за странските инвеститори.“

Воведувањето на рамен данок може да предизвика зголемен буџетски дефицит, а токму тоа е она што го плаши Меѓународниот монетарен фонд, чија политика е стабилна фискална политика, потенцира Ханџиски.

„ММФ вели дека полесно е во моментов да се најдат нови извори на приходи со што би се пополнила таа дупка од намалувањето на стапките, додека владата планира намалување на буџетските расходи.“

Од министерството за финансии велат дека додека не завршат преговорите на владата со мисијата на ММФ нема да ги коментираат предностите или евентуалните недостатоци на оваа даночна реформа. Сепак размислувањата на министерот за финансии Трајко Славевски околу рамниот данок веќе се познати.

„Со пониски стапки очекуваме драматично зголемување на волјата на даночните обврзници да ги подмируваат обврските кон државата.“

Експертите велат дека рамниот данок е спроведен во повеќе европски земји, а ефектите од него биле позитивни.
XS
SM
MD
LG