Достапни линкови

Демократските елементи на новиот српски устав од интерес на Балканот


По вчерашното усвојување на новиот устав на Србија од страна на граѓаните на дводневниот референдум, властите во Македонија велат дека тоа е внатрешно прашање на Србија, но оценуваат дека за нашата државава е битно секое случување во регионот од аспект на стабилноста, посебно кога тоа е поврзано со косовското прашање. Шпреса Јусуфи портпарол на Министерството за наворешни работи го пренесува официјалниот став:

„Ние со внимание ги следиме состојбите во нашето соседство. Што се однесува до референдумот сметаме дека тоа е внатрешно прашање на Србија. Инаку, за нас, како земја од соседството, ние во сите разговори и тековни активности врзани за решавањето на идниот статус на Косово, прв и најважен приоритет за Република Македонија е стабилноста на нашиот непосреден сосед,“

изјавува Јусуфи. И домашните експерти, објаснувајќи го значењето и импликациите по регионот и нашата држава од новото уставно уредување на Србија, сметаат дека главно демократските елементи кои ги содржи текстот на Уставот е во интерес на Балканот. Во оваа насока професорот по меѓународни односи Димитар Мирчев објаснува:

„Нас тоа ни одговара, бидејќи ни одговара на северната граница да имаме стабилен сосед со демократски поредок и пазарна економија, што до сега го немавме. Мислам дека тоа ќе влијае позитивно на односите на Балканот.“

Во поглед на Косово, што според новиот српски Устав треба да биде составен дел од Србија, а чија иднина ги засега нашата и останатите регионални земји, Мирчев, смета дека тоа можеби нема да има директни импликации врз нашата земја, но би можело да влијае на одложување на процесот на преговори за дефинирањето на статусот на Косово.

„Може да ги оддолжи преговорите за статусот на Косово и да ја зајакне позицијата на Србија. Сега треба да се види какви ќе бидат предлозите на Ахтисари по усвојувањето на Уставот и дали нешто во неговиот извештај ќе се промени.,“

забележува професор Мирчев.
XS
SM
MD
LG