Достапни линкови

Реакциите од критика, до жалење поради заминувањето на Ѓукановиќ


Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ по седумнаест години се повлекува од сите државни функции. Тој ја задржува само онаа на лидер на Демократската партија на социјалистите. Реакциите во Црна Гора на оваа негова одлука, според очекувањата, различни. Опозицијата проценува дека Ѓукановиќ ќе остане сива еминенција во земјата, неговите партнери сметаат дека повлекувањето нема да има негативни последици, а претставниците на малцинствата велат дека загубиле силен заштитник.

Иако неколку пати изјавуваше дека бил малку уморен од политика и оти размислува да се повлече, одлуката на актуелниот премиер Мило Ѓукановиќ тоа и навистина да го стори со изненадување е примена во црногорската јавност. Опозиционите партии оценуваат дека Ѓукановиќ ќе може и од местото лидер на најсилната партија да управува со владата. Кој и да биде нов мандатар, тој ќе биде продолжена рака на Ѓукановиќ, бидејќи суштинската моќ е во партијата, вели Драган Шоќ од опозиционата Народна Партија:

„Не гледам таков авторитет внатре во партијата, посебно доколку Ѓукановиќ остане на нејзини чело, кој ќе може нешто реално надвор од неговата волја и да го стори. Инаку, мислам дека Ѓукавиќ тоа го сторил не по своја желба, туку под притисок на Западот. Тоа јасно говори дека тие ја знаат неспособноста на црногорската администрација.“

Вели Шоќ, додавајќи дека Европската Унија сака да ја отргне Црна Гора од политичката контрола и од хипотеката на Ѓукановиќ. Како што е познато, четириест и четири годишниот Ѓукановиќ од деведесет и прва до деведесет и шеста го поддржуваше режимот на Милошевиќ во Белград. Неговото повлекување претставува позитивен и добар чекор за Црна Гора, бидејќи седумнаесет години на власт е многу, особено што тие години беа преполни со негативни трендови, вели претседателот на Либералната партија Миодраг Живковиќ. Тој констатира дека Црна Гора влегува во интегративни процеси и затоа авторитарните личности како Ѓукановиќ мора да си одат.

„Затоа можеме сега слободно да констатираме дека новата влада со новиот премиер, сакале ние тоа да го признаеме или не, ќе биде влада која ќе и биде посветена на Европа. Таа нема да биде многу популарна кај народот, бидејќи треба да спроведува реформи. Верувам дека нема долго да трае.“

И во Движењето за промени сметаат дека заминувањето на Ѓукановиќ битно ќе ја промени црногорската политичка сцена, посебно пред најавениот нов устав. Од друга страна, лидерот на Демократската Унија на албанците Ферхат Диноша смета дека со заминувањето на Ѓукановиќ од државните функции ќе трпат демократските процеси и патот на Црна Гора до Европската Унија:

„Националните малцинства губат значаен заштитник и се плашам дека дел од опозицијата се почесто ќе искажува непочитување спрема државата Црна Гора. Секако во такви ситуации на малцинствата не им е сеедно.“

Оценува Ферхат Диноша. Инаку, како потенцијален наследник на Мило Ѓукановиќ, односно иден црногорски премиер се спомнува досегашниот министер за финансии Игор Лукшиќ.
XS
SM
MD
LG