Достапни линкови

Генерал Џон Дјуранс, шеф на НАТО во Македонија. Треба да се работи на борба против корупцијата, реформи во судството и подобрување на економојата


Генерале Дјуранс, светот се соочува со сериозен проблем, тероризмот.
Ширењето на исламскиот радикализам, почнува да влева страв и на Балканот. Колку е оправдан ваквиот страв и која е тука улогата на НАТО?

Како што знаете, јас немам директна улога во обезбедување на стабилноста и безбедноста на оваа земја, тоа е улога на Владата. Но, мислам дека постои генерална загриженост за настаните што се случуваат насекаде во светот и општа загриженост во борбата против тероризмот. Затоа сите треба да бидеме многу претпазливи и да внимаваме како им приоѓаме на овие прашања. Но, се работи за глобална борба во која сите земји се вклучени. И како што и вашиот премиер рече, тој е многу загрижен околу борбата против тероризмот и сигурен сум дека и вашата земја ќе учествува во таа посебна борба.

Дали конечното решавање на статусот на Косово, ќе има какви било последици врз нашата земја?

Како што знаете јас не сум директно вклучен во преговорите околу решавањето на конечниот статус на Косово и знам дека оваа влада се интересира за тоа како се одвиваат тие преговори. Секако дека НАТО има улога во обезбедувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, во моментот но и уште некое време.
Но, јас лично би бил изненаден доколку тие преговори како и решавањето на конечниот статус на Косово влијае врз стабилноста и безбедноста на оваа земја.
Ова е стабилна и сигурна земја. Како што веќе реков немам директна улога во стабилноста и безбедноста на Македонија, бидејќи тоа е во надлежност на Владата. Но не, не очекувам да има последици врз безбедноста и стабилноста врз оваа земја.

Што е со Балканот, можна ли е дестабилизација на состојбата во регионот?

Мојата работа е специфично поврзана со оваа земја, реформите во одбраната тука и другите реформи предвидени во програмата за приклучување кон НАТО.
Навистина не е до мене да ја коментирам безбедноста и стабилноста на Балканот, но знам дека Владата на оваа земја се стреми кон одржувањето на регионалната стабилност. И знам дека НАТО се стреми сите инвестиции во регионот конечно да придонесат за една ситуација во која сите земји би биле стабилни и безбедни.

Генерале, Македонија испрати мировни мисии во Ирак, Авганистан, а неодамна и во Босна и Херцеговина. Значи ли тоа дека Македонија ги има решено своите внатрешни безбедносни прашања, за да може да биде извозник на мирот?

Новиот министер за одбрана рече дека не постои директна закана за границите и интегритетот на државата и важно е што оваа земја учествува во ширењето на безбедноста и стабилноста наоколу. И навистина НАТО е многу благодарен за вашето учество во различни мисии во неколку земји и тоа е позитивно. И учеството во мисиите во Ирак и Авганистан се особено значајни и добро се одвиваат. Освен тоа, учеството во мисиите на Европската Унија во Босна и Херцеговина, во операцијата АЛТЕА е многу позитивно и мислам дека трупите
на вашата армија добро се снајдоа.

Еден од условите на Македонија за влез во Алијансата е исполнување на одредени стандарди. Како во таа насока гo оценувате спроведувањето како на воените, така и на политичките реформи?

Па, реформската програма во оваа земја добро се одвива. И генералниот секретар кога беше тука, непосредно пред неодамнешните избори, рече дека реформите според него се одвиваат добро. Мислам дека реформите во министерството за одбрана и армијата се одвиваат особено добро. Се работи за една силна програма на реформи. НАТО е организација заснована на вредности, си има свои стандарди и зависи од земјата дали ќе ги исполни тие стандарди за да стане полноправна членка. Областите на кои треба уште да се работи, ги има неколку и на нив посочија и генералниот секретар и премиерот Груевски во неговото обраќање по изборите, тоа се борбата против корупцијата, потребата од понатамошни реформи во правосудството, поминувањето на законот за полиција и подобрувањето на економијата.

Што е со реформите во одбраната, што преостанува да се направи на тој план?

Реформите во одбраната мислам дека се одвиваат многу добро. Областите кои се особено значајни, се реорганизацијата на Армијата на Република Македонија, динамиката на трансформацијата на АРМ, што треба да заврши до крајот на оваа година. Самата Армија се трансформираше од армија заснована на обврска за задолжителен воен рок во професионална армија, има напредок во областите на планирање и буџетирање, како и набавка на опрема за потребите на одбраната. Областите на кои работиме во моментот, кои добро се одвиваат, но се уште се во првата фаза, се изградба на кадровски системи кои во целост би поддржале една професионална армија и воспоставување на соодветните системи за образование и обука, бидејќи во една професионална војска квалитетот на луѓето е над се.

Иако претходната Влада ветуваше дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО оваа година, тоа не се случи. Колку се реални шансите дека тоа ќе се случи на самитот во Рига во 2008 година?

Кога генералниот секретар дојде тука рече дека самитот во Рига не е самит за проширување, значи поканите нема да бидат тема на овој самит.
Но кога се сретна со премиерот Груевски, тој рече дека очекува да биде испратен силен и позитивен сигнал од самитот во Рига за натамошно проширување. Тој нагласи дека НАТО се уште има политика на отворени врати и земјите кои ќе ги постигнат и прифатат стандардите на НАТО, можат да станат членки. Се надевам и мојата цел е да и помогнам на оваа земја да добие реални шански да стане членка.
Но, на крај, тоа е политичка одлука за која одлучуваат 26 земји членки на НАТО и јас неможам да ја предвидам таа одлука.

Кои ќе бидат предностите доколку еден ден нашата земја стане членка на Алијансата?

НАТО е всушност клуб и како и сите други клубови има свои предности и недостатоци. Секако ќе треба да плаќате чланарина, но ќе имате пристап и до многу привилегии. Мислам дека повеќето земји сметаат дека предностите што ги добиваат бидејќи се дел од евроатлантскиот безбедносен систем се доста значајни.
Една е гаранција за стабилноста на земјата, но исто така и овозможува на таа земја да учествува во одржувањето на пошироката безбедност. И мислам дека со глобализацијата, луѓето сфаќаат дека не можете да се грижите за вашата безбедност изолирано, морате да соработувате со другите, морате да го правите тоа надвор од вашите граници. И да се биде членка на НАТО и помага на земјата како што е оваа да успее да го постигне тоа.

НАТО најави дека ќе ги затвори своите штабови во Скопје идната година. Дали тоа значи дека македонската војска е подготвена да ги прифати обврските што ќе и ги оставите?

Не е точно дека ќе ги затвориме штабовите на НАТО тука, но вистина е дека ќе
го намалиме бројот на луѓето тука. Тоа е добар знак, тоа е знак за прогрес и
знак дека потребата од присуство на повеќе луѓе од НАТО тука, е се помала. Значи го намалуваме бројот на штабови тука.
Кога ја прифатив оваа работа во декември минатата година, бројот на цивилни и воени лица беше 175, а до јули следната година очекуваме тој број да биде 45.
Како и да е активностите на советодавниот тим на НАТО во рамките на министерството за одбрана ќе продолжат. Настрана од тоа, нема да го редуцираме бројот. Редукција ќе правиме со луѓето задолжени за логистика и луѓето во штабовите, кои ги одржуваат комуникациските врски во земјава и во Косово.
Причината поради која го намалуваме бројот на овие луѓе е успешната програма на Армијата на Република Македонија, која може да ги преземе тие задачи. Веќе основавме домашен национален центар за поддршка, во камп надвор од Петровец и тој веќе ги превзеде повеќето од логистичките задачи за одржување на таа комуникација. Тоа е една многу успешна програма.

Каде се во иднина НАТО планира да отвори бази, во кои земји?

Не можам да го коментирам тоа, бидејќи идните планови на НАТО се работа на главниот штаб во Брисел, значи јас можам да се сконцентрирам на настаните внатре во оваа земја. Работам заедно со мојот штаб, кој се наоѓа во Неапол, а се со цел да се постигне прогрес и да и дадам совети на Владата на оваа земја, за таа да добие реални шанси за членство.
НАТО базите се работа со која треба да се се справуваме во иднина. Не ми се познати какви било планови во оваа конкретна област.

Пролетва имаше доста реакции околу проектот за реконструкција на 30 мостови, во земјава, проект финансиран од НАТО. Не беше дозволено на тендерот да учествуваат македонски градежни фирми. Кој е вашиот коментар и до каде е санацијата на мостовите?

Па, проектот со мостовите е проект за кој подолго време се дискутираше.
Првата фаза од проектот започна и се работи на 11 од вкупно 30 мостови што треба да се реконструираат. Тоа е успешна програма, која се одвива во соработка со Агенцијата на НАТО што е одговорна за вакви работи, НАМЗА и Министерството за транспорт и врски. Тендерскиот процес е работа на агенција во Луксембург и јас не сум дел од тој процес. Но, знам дека има доста македонски фирми кои се вклучени во тој проект. Не е точно дека македонските фирми не се вклучени во тој процес.
XS
SM
MD
LG