Достапни линкови

Намерата е развој на стопанството, велат од Министерството за транспорт, а општините негодуваат


Државата започна со продажба на градежно земјиште во нејзина сопственост на повеќе локации во неколку општини во земјава. Имено, Министерството за транспорт и врски веќе ја распиша објавата за јавно наддавање за продажба на државното земјиште на кое ќе можат да учестуваат правни и физички лица, а е наменето за изградба на објекти за стопански и деловни објекти, објекти за индивидуално домување, или пак за лесна индустрија и мало стопанство. За условите по кои ќе се продава земјиштето чиј сопственик е државата, како и за тоа кои се намерите од надлежното Министерство за транспорт и врски објаснуваат:

„Почетните цени во врска со вчерашниот оглас, се движат од 300 до 1000 денари, зависно од местоположбата на локацијата што се продава. Намерата на Министерството за транспорт и врски е да се развие стопанството, бидејќи имаме објекти за мало стопанство. Но, има и објекти за индивидулано домување, за некои семејства да имаат можност да си изградат индивидуално домување.“

Вели Лидија Станчевска портпарол во Министерството за транспорт и врски. Која додава дека ова е петта лицитиација што министерството ја спроведува. Локалните власти пак, негодуваат на ваквата постапка од Владата. Општините бараат тие да бидат стопанственици на градежното земјиште, ингеренција која не им припадна со процесот на децентрализација, а не тоа да се продава на останати индивидуални лица.

„Ние сме заинтересирани државата да го отстапи градежното земјиште што се наоѓа на територијата на општината, на управување на локалната самоуправа. Инаку општината со кои пари би го откупила тоа земјиште.“

Посочува Снежана Клинчаровска од скопската општина Бутел, која се најде меѓу општините каде ќе се продава државно земјиште.
И опозицијата смета дека сега не е период за продажба на државно земјиште. Љупчо Балковски од опозиционата ВМРО Народна и поранешен министер за транспорт и врски изјавува:

“Во овој период зошто се прави ова, сигурно има и некој кампањски дел. Би кажал дека сепак актрактивното градежно земјиште не се дава сега на лицитација, бидејќи треба да се види дали Владата има решение за тоа во однос на инвеститори кои се навистина заинтересирани за тоа земјиште, па би одела со директна продажба или на некој начин тоа треба да се чува.“

Смета Балковски. Парите што ќе се соберат од продажбата на државното земјиште ќе се слеаат во буџетот.
XS
SM
MD
LG