Достапни линкови

Реконструкција на владата нема да има до декември


Премиерот неодамна најави можна реконструкција, но по неколку денови се повлече. Таквиот потег, опозицијата го протолкува како еден од сигналите дека владата е во криза и дека на тој начин сака да ги скрие лошите резултати од работата. Но, во политичките партии од власта, каде на политички средби меѓу другото се договара и натамошната соработка и заеднички настап на изборите велат:

„Односите со нашите коалициони партнери се на потребно ниво и правиме уште од сега планови за заеднички настап на парламентарните избори и сметаме дека ќе продолжиме заедно во оваа коалиција и на наредните избори.“

„Исклучително сме задоволни од коалицирањето во коалицијата За Македонија Заедно. Сметаме дека односите со ДУИ може да бидат уште подобри, со оглед на задачите од имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.“

„Сметаме дека односите се многу добри. Добри односи не мора по автоматизам да значи дека ние ќе се согласуваме со се без било каква дебата.“


Спротивно од изнесените оценки на портпаролот на СДСМ и ДУИ Борис Кондардко и Ермира Мехмети, како и на Андреј Жерновски од ЛДП, Ѓорѓи Оровчанец од ВМРО-Народна партија вели:

„Ние немаме влада, имаме три влади. Имаме влада на социјал демократскиот сојуз, на ДУИ и ЛДП. Овие три влади тешко комуницираат меѓу себе и тешко може да дојдат до решение.“

Во острите тонови како дел од политичкиот фолклор спроти избори СДСМ единствено препознава нервоза кај политичкиот противник. Во меѓувреме, спроти претстојните избори, пулс опипува и опозицијата. ВМРО-Народна со која ДПМНЕ и натаму останува на дистанца смета дека и опозицијата е слаба и поделена, како последица на судири на суети. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да пресметува со кого ќе коалицира. Од актуелниот градоначалник Трифун Костовски, изостанува одговор дали тој ќе прави партија со која би коалицирале. А, неодамна изнесената идеја за широка коалиција не се коментира. Но, како и да е, партијата веќе се мобилизира пред престојните избори. Портпаролот Александар Бичиклиски вели:

„ВМРО-ДПМНЕ околу себе ги собра сите фактори коишто на некој начин претставуваат опозиција. Тоа беше заедничкиот настап на локалните избори. Во делот на активностите кои ги подготвува опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ најбрзо е големиот народен митинг во организација на ВМРО-ДПМНЕ на 15 септември. Симболика на датата на почетокот на лошото владеење на оваа структура пред три години.“
XS
SM
MD
LG