Достапни линкови

Македонската Влада изненадена, а за експертите најавата претставува „студен туш“


Македонската влада е изненадена од изјавата на американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Курт Волкер, дека Балканските земји не би требало да влезат во НАТО до 2008 година, бидејќи сеуште не се подготвени за прием во северно-атлантската алијанса. Од ресорното Министерство за Одбрана велат дека се проверува дали ваквиот став на Волкер е негово лично видување или пак се работи за официјален став на американскиот Стејт Департмент. Од друга страна експертите пак, со став дека ова е „ладен туш“ за Македонија:

„Една ваква изјава преставува би рекла „студен туш“, за сите наши еуфорични очекувања особено по неуспехот на Европскиот Устав и пројавената свест дека за членство во ЕУ ќе треба навистина да почекаме многу повеќе отколку што се надевавме, меѓутоа надежта сепак беше врзана со НАТО.“

изјави професорот Билјана Ванковска од Институтот Евро Балкан, која сепак со резерви гледа на оваа изјава, бидејќи како што вели:

„Врвот на администрацијата сепак секогаш може да излезе со контратеза и да каже дека тоа е индивидуална проценка и изјава на само еден нивни преставник и дека сепак тоа не е став на американската Влада, а американскиот став ни е многу битен затоа што на нив се гледа како на главни наши лобисти за влез во НАТО.“

Членството на Македонија во НАТО не зависи само од реформите во одбраната кои се оценуваат како мошне успешни, вели Ванковска:

„Постигнувањето на НАТО стандардите е далечна цел и тука треба да бидеме реални. Без оглед на тоа што нашите политичари постојано не убедуваат дека тие реформи одат со забрзано темпо, инзвонредно добро и дека постигнуваме успеси од Ирак до Авганистан. Но, сепак реално НАТО беше дециден во неколку наврати, укажа дека само реформите во одбраната не се доволни и дека за полноправно членство ќе биде потребно исполнување и на други услови, пред се политички, независност во судството, борба против корупцијата. Така да, ако сакаме да бидеме искрени кон себе тогаш ќе заклучиме дека во многу од тие работи не сме постигнале многу резултати.“

Инаку Вашингтон предлага Самитот за проширување да се одржи во 2008-та година.
XS
SM
MD
LG