Достапни линкови

Руското министерство за надворешни работи нема да ја обнови акредитацијата на новинарите на Еј Би Си


Руското министерство за надворешни работи објави дека нема да им ги обнови акредитациите на новинарите и на продуцентите на американската телевизиска мрежа Еј Би Си кои известуваат од Москва. Одлуката, како што е образложено, е поради тоа што оваа телевизија објави интервју со водачот на чеченските бунтовници Шамил Басаев.

Шамил Басаев е најбараниот терорист во Русија. За неговата глава се нуди награда од десет милиони долари. Тој во интервјуто за Еј Би Си ја презеде одговорноста за некои од најкрвавите терористички акти во поновата руска историја, меѓу нив и оние во московскиот театар и во училиштето во Беслан. Властите во Москва веднаш реагираа на интервјуто со Басаев, кое го оценија како пропаганда на тероризмот и најавија дека ќе им забранат на сите руски официјални личности да разговараат со новинари на Еј Би Си. Раководтсвото на оваа телевизиска мрежа пак, веднаш изрази шокираност со ваквата одлука. Портпаролот на Стејт Департментот Том Кејси остро ги осуди акциите за кои одговороноста ја презеде Басаев. Но, во исто време Кејси оцени дека нелегитимна е и цензурата на медиумите

,,Не мислам дека некаква забрана на дејствувањето на Еј Би Си во Русија ќе даде позитивен придонес кон слободата на изразувањето."

Тед Копел, уредник на емисијата Најтлајн каде што беше објавено интервјуто со Басаев изјави дека и досега објавувал разговори со убици и диктатори но, како што вели: Објавувањето интервју со некој не значи дека се согласувате со него или пак со неговите акции. Роан Џејсикера кој работи во британската организација Индекс на цензурата вели дека реакцијата на Москва е типична.

,,Руските власти со години ги користат сите расположливи средства да ги спречат чеченските сепаратисти да говорот не само за домашните, туку и за странските медиуми."

Џејсикера забележува дека и британската влада, соочена со тероризмот на Ирската републиканска армија, во текот на осумдесетите години им забрани на домашните медиуми да објавуваат изјави на претставници на ИРА, но оти таа акција не се покажала за ефикасна. Според Џејсикера, конечната одлука за тоа дали да им се допушти на терористите да настапат на некој медиум треба да се базира исклучиво врз професионалните критериуми.

,,Станува збор за тоа дека треба да се донесе професионална одлука. Таа треба да се заснива врз проценката дали публиката ќе дознае нешто ново за мотивите на поединецот или организацијата, особено кога нивните акции претставуваат опасност за многу луѓе. Тогаш, тоа е од јавен интерес и новинарите се должни да го објават."

Интервјуто со Шамил Басаев го сними новинарот на Радио Слободна Европа Андреј Бабицки. Притоа тој неколку пати бараше од Басаев да ги објасни мотивите за некои напади, посебно за земањето деца заложници во Беслан. Басаев призна дека станал терорист, наведувајќи дека тоа е единствениот начин да запрат руските злосторства во Чеченија.
XS
SM
MD
LG