Достапни линкови

Министрите за финансии на ЕУ договорија олеснување на правилата што гарантираат стабилност на еврото


Министрите за финансии на Европската Унија постигнаа согласност да ги олеснат правилата кои имаат за цел гарантирање на стабилноста на еврото. Новите правила се очекува официјално да бидат одобрени на дводневната средба на евро литерите што денеска почнува во Брисел.

Познатиот Пакт за стабилност и развој постојано беше непочитуван од, односно постојано беше прекршуван од Германија и Франција. Овие две земји сметаат дека правилата треба да бидат пофлексибилни за да им овозможат на владите на земјите членки на Унијата да ги зголемуваат трошоците за да го потикнат развојот на нивните економии. Според договорените нови правила, дефицитот на националните буџети и натаму не смее да биде над три проценти од бруто домашниот производ. Но, владите сега ќе можат да наведуваат различни причини зошто не треба да бидат веднаш казнувани од Европската комисија ако го надминат лимитот на буџетскиот дефицит. Жан Клод Јункер, премиерот на Луксембург, земјата која е претседавач на Унијата сепак смета дека критериумите на договорот остануваат исти

,,Ние не ги сменивме фундаменталните правила на Економската и монетарната унија. Критериумите не се под закана. Ние всушност ги зацврстивме превентивните мерки на договорот."

Како и да е, официјални претставници велат дека Германија го доби правото преку дефицетот на буџетот да го финансира развојот на поранешната Источна Германија. Франција пак, од друга страна ќе може преку државниот дефицит да издвојува за трошоците во одбраната и во истражувачките програми. И на новите членки на Унијата кај кои се спроведуваат реформите во пензискиот сектор им е даден петгодишен период во кој нивните буџети можат да бидат над три насто. Обидите за релаксирање на условите на Договорот долго време беа гледани како дел од кампањата што ја спроведуваа поголемите членки на Унијата за да ја ограничат моќта на Европската Комисија во нивните домашни работи. Комесарот Жоакин Алмуниа, одговорен за спроведување на Пактот за стабилност и пораст смета дека со новите правила Комисијата ја загубила битката. Но, замолен прецизно да го посочи значењето на новите услови како блиску до три насто и привремено до три насто, тој само ги повтори:

,,Блиску е блиску и привремено е привремено. Ние ги употребуваме нив уште од почетокот на овој пакт и уште од почетокот на критериумите од Маастрихт. Значи тие не се нови."

Инаку, пактот може да биде сменет само ако за тоа постои согласност од сите дваесет и пет земји членки на Европската Унија. Освен за ова, евролидерите во Брисел, како што се очекува, би требало да разговараат за номинацијата на американскиот заменик секретар за одбрана Пол Волфовиц за иден претседател на Светската банка. Соединетите Држави традиционално номинираат претседател на оваа банка преку која оди финансиската помош за сиромашните земји во светот.
XS
SM
MD
LG