Достапни линкови

Трансферот на надлежности на општините веднаш, фискалната децентрализација од 1 јули


Фискалната децентрализација ќе стартува од 1 јули, а трансферот на надлежностите, веднаш по локалните избори, откако ќе се констируираат новите локални власти. За претседателот на ЗЕЛС, Горан Ангелов, со ова е направен превид во законската регулатива, затоа што, вели Ангелов, најверојатно, по 1 јули ќе треба да има рефундирање на одредени средства за вработените што веднаш ќе преминат на ниво на општините:

„Веќе се преземаат вработени, да речеме од Министерство за економија. По завршувањето на изборниот циклус ќе почне преземањето и на вработени од Министерството за транспорт и врски, Министерство за финансии, УЈП, но останува најголемата категорија, во системот на образование, социјална и здравствена заштита, најверојатно ќе оди по 1 јули 2005 година, затоа што станува збор за огромен број вработени, над 25,000.“

Наспроти ова, министерката за локална самоуправа Тања Алтанџиева нема законски превид, зашто се е прецизирано во деталниот законски план за трансфер, што ќе биде готов до крајот на месецов.

„Не би имало проблем, затоа што нема во исто време да заврши констируирањето на советите. Тоа е предвидено и во самиот централен план и не значи дека веднаш ќе пристигнат парите од централните во локалните буџети.“

Од друга страна, ЗЕЛС бара од владата, да се донесе закон со кој ќе се пренесе имотот од државна во општинска сопственост. Зашто, додава Ангелов, со делбениот биланс од 98 година, општините беа доведени на питачки стап.

„Таа неправилност направена во тој период, по изборите во 96 година, треба да се исправи со донесување закон во парламентот каде што ќе имаме јасна слика, што ќе биде општински, а што државен имот.“

Алтанџиева тврди дека веднаш по констируирањето на новите општински власти ќе следи еден динамизиран процес, во кој прецизно ќе се операционализира делбата на имотот:

„Тоа ќе биде спроведено со одлука на владата на Република Македонија, ќе има посебни комисии што ќе одат на терен, ќе се врши проценка на имотот и ќе има во предвид на кој начин ќе се врши распределбата на недвижниот имот меѓу централната и локалната власт.“

ЗЕЛС во меѓувреме, смета дека нема да има поголеми проблеми, новата општинска власт да се подготви за успешно менаџирање на општините, иако стратегијата за ова допрва се прави.
XS
SM
MD
LG