Достапни линкови

Градската изборна комисија сеуште нема доставено резултати до ДИК


Сите во земјава се во исчекување на официјалните резултати од неделните локални избори. До ДИК пристигнале и резултатите од 13-те преостанати општини, но истите треба да бидат потврдени попладнево, вели портпаролот Зоран Таневски:

„До ДИК се пристигнати извештаите од преостанатите општини. Во текот на денешниот ден ќе бидат соопштени резултатите што се официјално пристигнати до ДИК.“

До ДИК не се пристигнати само резултатите од градската изборна комисија во Скопје, со што би требало да заврши дилемата, ќе има или не, втор круг во Скопје.

„Сеуште не е пристигнат извештајот. Изборната комисија првичните резултати ги објавува во рок од 24 часа по добивањето на изборниот материјал од избирачките одбори.“

Трифун Костовски и здружената опозиција, предводени од ВМРО-ДПМНЕ прогласија победа уште во првиот изборен круг и сметаат дека со тактизирањето власта се обидува да ги фалсификува резултатите:

„Обидот на коалицијата заедно да го поништи првиот круг и да прогласи втор круг, го сметаме за обид за фалсификат. Сметаме дека се фалсификуваат две конкретни места, односно, излезноста и гласовите во три подрачја, во Шуто Оризари, Чаир и Сарај. Господинот Трифун Костовски носи победа во првиот круг, затоа ќе ги искористиме сите законски и политички средства за да го докажеме ова.“

вели портпаролот на изборниот штаб на Трифун Костовски, Маја Мухиќ.

Во коалицијата „За Македонија Заедно“, остануваат на ставот, во Скопје ќе има втор круг:

„Во Скопје градоначалник не е избран во првиот круг и трката продолжува во вториот круг.“

Од друга страна, асоцијацијата „Мост“ која со ПВТ програмата објавуваше речиси идентични резултати со оние на ДИК и со можност за грешка од само еден насто, го прогласија Костовски за победник во првиот изборен круг. Инаку, до сега познати се резултатите од 71 оптшина, според кои, десет градоначалнички фунцкии освоила коалицијата „За Македонија Заедно“, три ДУИ, а по една ДПА-ПДП, ВМРО-ДПМНЕ и група избирачи. Во 55 општини ќе се одржи втор круг, со најголем број кандидати влегува владеачката коалиција, 41, опозицијата со 33, ДУИ 11, и коалицијата ДПА – ПДП 8.
XS
SM
MD
LG