Достапни линкови

Принцот Чарлс и Камила Паркер Боулс ќе стапат во брак


Британскиот престолонаследник Принцот Чарлс ќе се ожени со својата многугодишна партнерка Камила Паркер Боулс. Ова денеска го соопшти кабинетот на принцот. Со тоа конечно им е ставен крај на шпекулаците дали разведените Чарлс и Камила можат или не можат да стапат во брак.

Врската на принцот Чарлс со Камила Паркер Боулс трае повеќе од триесет години. Но, дури сега таа врска доби официјално одобрување. Кабинетот на принцот соопшти дека на осми март годинава во дворецот Винздор ќе се одржи свадбената церемонија на Чарлс и Камила. Премиерот Тони Блер веднаш испрати честитки:

„Јас сум восхитен за Принцот од Велс и за Камила Паркер Боулс. Тоа е многу радосна вест и кога кабинетот ја слушна веднаш им испрати честики со најубави желби. Им пожелуваме среќа.“

Пеесет и седум годишната Паркер Боулс е големата животна љубов на принцот Чарлс. Двајцата се сретнале на еден поло натпревар во илјада деветстотини седумдесетата година и оттогаш станаа блиски пријатели. И покрај тоа, тие тргнаа по различни патишта. Камила се омажи за поранешен офицер, а принцот Чарлс во илјада деветстотини осумдесет и првата стапи во брак со принцезата Дијана.

Петнаесет години подоцна тие се разведоа, а многу саканата во јавноста Дијана за тоа ја обвини Камила. Кога во илјада деветстотини деведесет и седмата година Дијана загина во автомобилска несреќа во Париз, јавноста во Британија целосно се сврте против Камила, па на Чарлс му требаше доста време за да собере храброст и да се покаже заедно со неа. Синовите на Чарлс и на Дијана, Вилијам и Хери, како што се наведува, целосно ја прифатиле партнерката на нивниот татко. Така е и со британската јавност, која, според последните испитувања, се согласуваат со тоа Чарлс да се ожени за Камила. Сепак, најавениот брак е чувствително пршање за Британија особено ако се има предвид фактот дека, англиската црква, не гледа балогонаклоно спрема браковите меѓу разведени двојки. Имено, Камила Паркер е разведена, а нејзиниот сопруг е се уште жив. Сепак ако Чарлс стане крал, Камила никогаш нема да биде Кралица. Таа ќе биде позната само како принцезата Консорт или како војводката од Корнвел.
XS
SM
MD
LG