Достапни линкови

Произведено нуклеарно оружје за самоодбрана


Северна Кореа денеска соопшти дека произвела нуклеарно оружје за самоодбрана. Вчера пак, Иран најави дека никогаш нема да се откаже од својата нуклеарна програма. Во меѓувреме, Соединетите Држави цврсто стојат на ставот дека нуклераните програми на овие две земји претставуваат закана за мирот во светот.

Северна Кореа денеска соопшти дека го суспендира, на неодредено време, учеството на шест партитните разговори за нејзината нуклеарна програма. Во изјавата на министерството за надворешни работи се обвинуваат Соединетите Држави дека сакаат да ја соборат владата во Пјонгјанг и оти затоа Северна Кореа произвела нуклерано оружје кое, како што се наведува, ќе го употреби за да се справи со таа опасност. Во шест партитните разговори, покрај Северна и Јужна Кореа беа вклучени и Соединетите Држави, Кина, Русија и Јапонија. Од две илјади и третата година кога беа востановени досега беа одржани три рунди, а последната во минатиот септември беше откажана откако Пјонгјанг го обвини Вашингтон за непријателска политика спрема Северна Кореа. Со слична оценка за американската политика е и официјален Техеран. Иранските власти денеска, по повод годишнината од Исламската револуција во илјада деветстотини седумдесет и деветата година, ги повикаа граѓаните да излезат на улиците и на таков начин да им одговорат на американските закани.

„Смрт на Америка. Смрт на лицемерите. Смрт на Израел.“

Иранскиот претседател Мохамад Катами вчера повтори дека неговата земја нема никогаш да се откаже од нуклераната програма:

„Се е легално, се е за мирољубиви цели. Таков досега беше и заклучокот на Меѓународната агенција за атомска енергија. Тие не најдоа доказ дека Иран развива програма за производство на нуклеарно оружје.“

Изјави Катами, изразувајќи надеж дека разговорите со европската тројка, Британија, Франција и Германија, ќе бидат успешни, односно ќе придонесат Иран да ја продолжи програмата која има за цел, како што рече, поголемо производство на електрична енергија. Меѓутоа, Вашингтон се сомнева дека истата таа иранска програма се користи за развој на нуклеарно оружје.

„Иранците треба да знаат дека слободниот свет заеднички работи за да испрати многу јасна порака: Немојте да развивате нуклеарно оружје. Причината за таквата порака пак е тоа што Иран со такво оружје би можело да претставува дестабилизирачка сила во светот.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш повторувајќи дека Западот треба да ги вложи сите напори за да го спречи тоа.
XS
SM
MD
LG